КУМАНОВО ЌЕ ДОБИЕ ГРАДИНКИ, КРУЖНИ ТЕКОВИ И МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ЦЕНТАРОТ Димитриевски повика да гласаат за бројот 2, за континуитет и за дела

Кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма повика на масовна поддршка на 2 ноември, ветувајќи континуитет на започнатите проекти и конкретни решенија за граѓаните.

65

Резултатите од првиот круг покажаа која е волјата на граѓаните, бидејќи јас имам освоено повеќе гласови од сите мои противкандидати кои се од, условно речено, од македонскиот политички блок, рече кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, на изборното соочување во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма.

Прашан од водителот како ја коментира силната поддршка од коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, Димитриевски одговори:






– Благодарен сум на поддршката од партнерите во Владата, но уште повеќе сум благодарен на поддршката од граѓаните, со која евидентно се покажа нивната желба Куманово да продолжи по зацртаниот пат.“

Во текот на дебатата, Димитриевски потенцираше дека испратил возило и логистичка поддршка за чистење на сметот во Општина Центар, како одговор на повикот на ЗЕЛС и желбата да помогне на граѓаните на Скопје.

– Јас само одговорив позитивно на повикот од ЗЕЛС да пружам помош таму каде што е најургентно, а Скопје се соочува и со можна епидемија поради купиштата смет. Ако се сеќавате, така беше и во минатото, кога први притекнавме во помош за време на пожарот во Гази Баба. И актуелната акција беше усогласена на владино ниво, а снимките беа презентирани пред јавноста од медиумите – нагласи Димитриевски.

Тој додаде дека граѓаните во Куманово знаат дека е човек од збор и дека сè што има ветено во програмата ќе биде исполнето. Како приоритетни капитални проекти ги наведе изградбата на три нови детски градинки, три кружни текови и целосно средување на централното подрачје на Куманово.

– Се разбира дека ќе продолжиме и ќе го осовремениме и надградиме бесплатниот превоз кој, како што рече, дневно го користат најмалку 15 до 16 илјади наши сограѓани. Исто така, ќе го преземеме и средиме Пионерскиот дом, по примерот на Спортската сала и Соколаната – изјави Димитриевски.

Во серијата реплики со својот противкандидат Горан Стојковски – Диро, Димитриевски го нарече кандидат на „истрошена политичко-градежна елита“ која, според него, преку него сака да продолжи со своите бизниси.

– Тоа е група на луѓе на кои им застанав на пат и не дозволив да продолжат со уништувањето на градот – рече актуелниот градоначалник.

На крајот од своето обраќање, Димитриевски ги повика граѓаните да излезат масовно на 2 ноември и да го заокружат бројот 2.

– Ве повикувам да гласате за континуитет, да гласате за нешто што е конкретно, а не само празни зборови. Јас го ценам вашиот збор, ценете ги и вие делата што успеавме да ги реализираме во изминатите осум години. Едно можам да ветам, сè што е напишано во програмата, која се потрудив да биде доставена речиси до секој дом, ќе го исполниме во целост, заедно со мојот тим – изјави Димитриевски.

Поврзани содржини