🎥 ЌЕ ГИ УБИЕМЕ СИТЕ ШТО ВНЕСУВААТ ДРОГА ВО САД! Трамп рече дека нарко-картелите се „ИСИС на западната хемисфера“
Венецуела ги обвини САД дека ја започнале кампањата против картелите како дел од заговор за соборување на претседателот Мадуро. Мексико и Колумбија велат дека САД вршат вонсудски убиства со што го кршат меѓународното право.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападите на САД врз таканаречените наркотерористи не бараат објавување војна и најави дека неодамнешната серија бомбардирања на бродови во Карибите и Тихиот Океан ќе биде проследена со напади на копно. Тој нагласи дека Конгресот ќе биде информиран за операциите, јавуваат странските агенции.
– Па, не мислам дека нужно ќе бараме објавување војна. Мислам дека само ќе ги убиеме луѓето што внесуваат дрога во нашата земја. Во ред? Ќе ги убиеме. Тие ќе бидат, што би се рекло, мртви – им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
– Сега дрогата доаѓа по копно… знаете, копното ќе биде следно – додаде американскиот претседател, повторувајќи ги заканите за проширување на нападите врз териториите на земјите што Вашингтон ги обвинува за олеснување на трговијата со дрога во САД.
Од почетокот на септември, американската војска изврши напади врз најмалку девет бродови во Карибите и Пацификот, при што загинаа најмалку 37 лица. Вашингтон ја нарече операцијата борба против „наркотерористи“, но не достави докази за да ги поткрепи тие обвинувања.
Засилената операција на Вашингтон против латиноамериканските нарко картели вклучува распоредување на американски воени бродови, борбени авиони Ф-35, нуклеарна подморница и илјадници војници во карипскиот регион.
САД, исто така, ја засилија својата реторика против лидерите на Венецуела и Колумбија, обвинувајќи го претседателот Николас Мадуро во Каракас и Густаво Петро во Богота за вмешаност во трговијата со дрога.
Венецуела ги обвини САД дека ја започнале кампањата против картелите како дел од заговор за соборување на претседателот Мадуро. Тој во среда изјави дека неговите вооружени сили поседуваат 5.000 руски ракети земја-воздух за да се спротивстават на каква било американска воена интервенција.
Трамп, исто така, рече дека сега треба да му биде јасно на целиот свет дека нарко-картелите се „ИСИС на западната хемисфера“. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет направи слична споредба, велејќи: „Исто како што Ал Каеда водеше војна против нашата татковина, овие картели војуваат против нашата граница и нашиот народ“.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум и колумбискиот претседател Петро ги осудија нападите на Вашингтон врз бродови во меѓународни води, нарекувајќи ги кршење на меѓународното право.
– Очигледно, не се согласуваме. Постојат меѓународни закони кои регулираат како мора да се спроведуваат операциите… Тоа јасно ѝ го ставивме до знаење на владата на САД – рече Шајнбаум во четврток.
Петро, кој беше во јавна вербална расправија со Трамп, рече дека САД „вршат вонсудски убиства“ што „го кршат меѓународното право“.
– Амнести интернешнл се спротивставува на ракетните напади во Карибите. Целото меѓународно право е прекршено во Карибите – објави Петро на социјалните мрежи.
Trump: “I don’t think we’re necessarily going to ask for a declaration of war, I think we’re just gonna kill people that are bringing drugs into our country. We’re going to kill them. They’re going to be, like dead.” pic.twitter.com/55NQXpZ0jf
— Aaron Rupar (@atrupar) October 23, 2025