ЕУ ГИ ИСКЛУЧУВА СИТЕ СЛАВИНИ ЗА РУСКИ ГАС И НАФТА Со закон принудно ќе се исклучат и Унгарија и Словачка

Двете земји од Централна Европа долго време го отфрлаа постепеното укинување на рускиот гас. Денеска се гласа закон со кој двете земји ќесе принудат да се откажат од рускиот гас и нафта.

1,268

Денеска се очекува сите 27 земји-членки  на ЕУ да поддржат нов закон со кој трајно ќе се прекине снабдувањето со руски гас за Унгарија и Словачка – без разлика дали го сакаат тоа или не, пишува Политико.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, ЕУ речиси целосно ја прекина својата зависност од руските енергетски извори, забранувајќи го увозот на руска нафта, јаглен и поголемиот дел од гасот. Сепак, за време на тој „енергетски развод“, Будимпешта и Братислава упорно се спротивставуваа, тврдејќи дека немаат алтернатива и дека прекинувањето на соработката со Москва ќе предизвика пораст на цените и тежок удар врз индустријата.






Експертите генерално не се согласуваат со тие проценки, а многу европски престолнини сега се подготвени да го надминат нивното противење.

– Додека Русија ја уништува украинската енергетска инфраструктура, милијарди евра сè уште пристигнуваат од Унгарија и Словачка во Москва. Тие пари ја финансираат руската воена машинерија. Тоа е едноставно неприфатливо. Време е да се покаже политичка волја – изјави литванскиот министер за енергетика Жигимантас Ваичиунас.

Но, Унгарија и Словачка постојано блокираа нови пакети санкции, барајќи и добивајќи посебни исклучоци што им овозможуваа да продолжат да увезуваат руска нафта преку гасоводот „Дружба“ преку Украина, како и спречувајќи санкции врз рускиот гасен и нуклеарен сектор.

Според анализата на Исак Леви од Финскиот центар за истражување на енергијата и чистиот воздух, обете земји дури и ги зголемиле своите плаќања кон Русија – тие веќе увезле фосилни горива во вредност од 5,58 милијарди евра оваа година, повеќе отколку во целата 2024 година.

Соочена со блокадите, Европската комисија го промени својот пристап во јуни и предложи правна рамка што би го забранила увозот на руски гас: за краткорочни договори од 2026 година, а за долгорочни договори до крајот на 2027 година.

За разлика од санкциите, кои бараат едногласност, овој предлог – презентиран како трговска мерка – бара само квалификувано мнозинство од земјите-членки, со што Унгарија и Словачка ги губат своите права на вето.

Денеска, министрите за енергија на ЕУ формално ќе го потврдат предлогот, испраќајќи сигнал дека се подготвени да ги надминат обете земји пред конечните преговори со Европскиот парламент.

Двете земји тврдат дека новиот закон ќе ја загрози нивната енергетска безбедност, ќе ги зголеми цените и ќе ја погоди тешката индустрија.

Унгарската државна енергетска компанија MVM има долгорочен договор со рускиот Газпром до 2036 година, а со словачкиот SPP до 2034 година.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, го нарече предлогот „директен напад врз енергетската безбедност на Унгарија“ и рече дека тој „ги загрозува економските резултати и ниските трошоци на унгарските семејства“.

– Нема да го дозволиме тоа! – напиша тој на платформата X.

Фицо го нарече новиот план на ЕУ, познат како REPowerEU, „бесмислен идеолошки потег“.

Целта на Регулативата е да се стави крај на зависноста на Унијата од руските енергенси и да се спречи во иднина Русија да ги користи гасот и нафтата како средство за притисок.

Со предложената регулатива се предвидува од 1 јануари 2026 година да почне постепената забрана за увоз на руски енергенси, со што од 1 јануари 2028 година би уследила целосна забрана за увозот на природен гас и течен природен гас (ЛНГ) од Русија. Во овој период би продолжил увозот договорен пред 17 јуни 2025 година и тоа до 17 јуни 2026 година за краткорочните договори и до 1 јануари 2028 година за долгорочните.

Според предложените правила, енергетските оператори ќе можат да се повикаат на „виша сила“ за да ги раскинат договорите за увоз на руски енергенси, бидејќи „правно обврзувачката забрана за понатамошен увоз, како што е предвидено со оваа нова регулатива, експлицитно е дефинирана како суверен акт надвор од нивна контрола“.

Предлогот предвидува и дополнителни механизми за мониторинг за да се спречи влез на руски гас во ЕУ, за кој е предвидено само да транзитира низ територијата на Унијата на пат кон друга дестинација.

Од првите денови на руската инвазија на Украина, Брисел воведе ембарго за руска нафта, гориво и јаглен, постави ценовна граница од 47,60 долари за барел руска нафта на светскиот пазар и го намали уделот на рускиот гас во европската потрошувачка од 45 на 13%.

Поврзани содржини