ВЕРУВАМ ДЕКА ЌЕ ПОБЕДАМ ВО ПРВИОТ КРУГ Концептот „За Центар што го сакаме” дава резултати, вели Герасимовски
Ги слушавме, почитувавме, заедно ги креиравме политиките и програмите со граѓаните овие четири години – рече кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ Горан Герасимовски во гостувањето во емисијата „Клик Плус” на телевизија 21 узрази уверување дека концептот „За Центар што го сакаме” ќе биде победник на локалните избори во Центар.
– Верувам дека ќе победиме во првиот круг, иако гледаме доста анкети изминатиот период и ние направивме неколку, во коишто имаме добри резултати. Гледаме тесна битка меѓу двајцата кандидати од ЗНАМ и од независниот партиски кандидат, слободно можам да кажам, дека има интересна битка, кој и да влезе ако има втор круг, пак ќе кажам, јас верувам дека работата ќе ја завршиме во првиот круг. Но, доколку има втор круг спремен сум кој и да влезе, да го победиме во вториот круг – рече Герасимовски.
Тој, потенцираше дека покажал како се работи чесно, транспарентно и домаќински овие четири години.
– Ги слушавме, почитувавме, заедно ги креиравме политиките и програмите со граѓаните овие четири години. Реализиравме над 90% од минатата програма од 2021 година и поради тоа што имаме одлична програма, визија и добар тим на луѓе коишто чесно, одговорно и транспарентно ќе има уште еден најдобар мандат со голем број на проекти коишто ги планираме да ги почнеме од следната година – изјави Герасимовски.