ПО ОСУМ МЕСЕЦИ БЛОКАДА КОСОВО ДОБИ ПАРЛАМЕНТ Србин е избран за потпретседател
Политичката криза започна по изборите на 9 февруари, кога ниту една партија не обезбеди мнозинство во 120-члениот парламент, што доведе до повеќемесечна блокада.
Косовскиот Парламент денеска беше конституиран, осум месеци по парламентарните избори, со изборот на косовскиот Србин Ненад Рашиќ, лидер на Граѓанската иницијатива „За слобода, правда и опстанок“, за потпретседател на Собранието, јави весникот Коха диторе.
Рашиќ е претседател на партијата За слобода, правда и опстанок, која има само еден мандат во парламентот, додека девет од 10-те мандати што им се гарантирани на Србите ги има Српска листа. Тој е министер за заедници и враќање во оставка и е петти, последен потпретседател на Парламентот. Останатите четворица беа избрани уште на 26 август.
Рашиќ доби поддршка од 71 пратеник, девет беа против, а 24 воздржани. Според Уставот, петтиот потпретседател мора да биде од српската заедница, но претходните кандидати не добија доволно гласови.
Политичката криза започна по изборите на 9 февруари, кога ниту една партија не обезбеди мнозинство во 120-члениот парламент, што доведе до повеќемесечна блокада.
Уставниот суд на Косово неодамна наложи Собранието да се конституира најдоцна 12 дена по објавувањето на пресудата на 8 октомври, со што денешниот избор на Рашиќ го означи крајот на институционалниот застој.