Јал не јал, три и пол
Ако ти не гласаш, ако ти не се вклучиш, некој друг ќе одлучи за тебе. Повторувам за да биде запаметено – некој друг ќе одлучи за тебе. Твојот „протест“ е твој пораз. И баш тој „некој“ може да биде и токму оној за кого си мислел дека не е достоен за таа улога. Тој ќе го определува твојот квалитет на живот. Жал ми е ако ова звучи сурово – но тоа е реалноста.
Дозволете да се претставам: Се викам Методија Анѓелкоски, половина век сум стар, што е подобро отколку „педесетина години“. Работам како програмер, а во денешно време, се надевам и доволно долго во иднината, оваа работа е доходовна и обезбедува еден пристоен живот, за мене и за моето семејство. Ако решите да го пребарате интернетот, веројатно ќе добиете и дополнителни резултати: автор на книгата „Точно, точно и вистина“, шахист, блогер, љубител на космологија и астрофизика, можеби и поет во обид… И политички активен лик. Во стилот на моите колумни, во кои секогаш ќе најдете доза на сарказам, ќе напишам дека сум „платеник на власта и хонорарец во портал“. И знам барем дваесеттина луѓе кои веќе се смеат, затоа што знаат дека напишаното – врска нема со реалноста.
Општествен дискурс
Во општеството постои една интересна, за мене малку чудна тенденција – може да се слави интелектуалецот, но само ако тој не се занимава со политика. Доволно е некој јавно да изрази поддршка за одредена политичка партија, и веднаш почнува да се доведува во прашање неговиот разум, објективност, па дури и чесност и интегритет. Иронично, може да се случи истиот човек кој што претходно бил прогласен за глас на разумот, одеднаш да стане „марионета“ или личност која не може самостојно да размислува. Сè што треба е промена на исказот – од „навивам за Јувентус“ во „навивам за таа-и-таа партија“.
Меѓу многуте остроумни мислители низ историјата, Оскар Вајлд често се поврзува со изреки што ја исмеваат политиката. Една таква, иако можеби апокрифна, непроверена по потекло, вели: „Еден идиот е еден идиот. Двајца идиоти се двајца идиоти. Илјада идиоти се политичка партија“. Иако оваа мисла е духовита, не треба да ја сфатиме буквално – ваквиот цинизам, колку и да предизвикува смеа, често служи како изговор за повлекување од политичкиот живот. Платон, пак, со својата сериозност предупредува дека ако добрите луѓе се повлечат, ќе бидат казнети со владеење на полошите. Можеби различно ги сфаќаме, но и античкиот мислител Платон и современиот филозоф Вајлд, можеби само предупредуваат на последиците од политичката пасивност. Ќе се согласите, може да се толкува и така, нели?
Во таков контекст, се појавува прашањето: што бара оној лик од почетокот – програмерот, авторот, шахистот – да биде „активен политички лик“? Еве го мојот обид да одговорам.
Тркалото продолжува да се врти
Поднасловот е стара англиска поговорка, но, во македонската народна мудрост, постои подобра и за овој мој обид за објаснување – посоодветна поговорка: „Јал не јал, три и пол“. Оваа народна мудрост носи едноставна, но длабока порака: времето за работа доаѓа, без разлика дали си јадел во времето за ручек или не. Во старо време, по ручекот околу три часот, околу „три и пол“ се продолжувало со обврските, без оглед дали си сѐ уште гладен.
Има и друго толкување, дека ќе платиш три и пол гроша, без разлика што си јадел, но во смисла на оваа колумна – не е различна поентата. Како и да ја толкуваме, оваа саркастична, но реална изрека денес може да се преслика на нашата политичка стварност – активен си во политиката или не, гласаш или не, политичарите ќе одлучуваат за твојот живот. Со тебе и без тебе, тркалото се врти. Токму тука лежи една вистина што сум ја согледал: со политичка пасивност и негласање, често им оставаме простор на помалку способните да ја кројат нашата иднина.
Во духот на оваа колумна, преполна со изреки, повторно ќе појаснам преку една интересна и моќна мисла: „Добри луѓе бираат лоши политичари со негласање“ – Џорџ Џ. Нејтан.
Нејзината порака е јасна – кога оние со интегритет, разум и визија одлучат да останат настрана, го препуштаат теренот на оние чии мотиви или способности се сомнителни. Со тоа, не само што ја ослабуваат демократијата, туку и си прават лоша услуга на самите себе. А според мене, кога своеволно го прават тоа, паѓа нивниот кредибилитет да ги коментираат одлуките на оние кои се вклучиле во политиката. Интелектуалците, оние што ги ценат идеите на Вајлд, Твен, Шо, Свифт, Кафка и другите несомнено брилијантни умови кои имаат блага одбивност кон политиката, често се гледаат себеси надвор од политичката арена, сметајќи ја за недостојна за нивниот ум.
Но, видете, јас мислам дека токму тие, со својата способност да гледаат подалеку и да размислуваат подлабоко, треба да се оние што можат да ѝ дадат смисла на политиката. Не станува збор за нуркање во калта, туку за обликување на иднината – за одлуки што значат подобри патишта, болници, училишта. Политиката не е само за политичари; таа е за сите што сакаат да остават трага.
Етимологија на една навреда
Би сакал веднаш да истакнам: немам намера никого да навредам, и однапред се извинувам на оној кој ќе се најде засегнат или погоден од ова. Науката во овој поглед е немилосрдна. Иако зборот „идиот“ во современата психологија има точно определено значење, и истиот збор во разговор меѓу лути дискутанти се користи строго како навреда, па оттука оние кои се занимаваат со политика се „идиоти“ – неговото значење е всушност спротивно!
Зборот „идиот“ доаѓа од старогрчкиот збор ἰδιώτης, што буквално значи „приватна личност“ или „лаик“. Терминот е изведен од ἴδιος (идиос), што значи „сопствен“ или „приватен“. Во античка Атина, ἰδιώτης (идиоти) се користел за да се опишат граѓани кои не учествуваат во јавните работи, односно за оние кои не ја обликуваат на ниту еден начин политиката, собранијата или управувањето со градот – држава. Секако, во тоа време, овој збор немал апсолутно никаква навредлива конотација, но имало доза на презир кон оние кои живеат само за себе, а не за општеството или градот. За такви ги сметале робовите, па затоа и таа доза на презир била природна. Не сакам да кажам дека старите Атињани биле брилијантни во секој поглед, но, забележете каква трага оставиле во општеството.
Предрасуди
Кога веќе сме кај навредите, тенденцијата на социјалните мрежи, особено пред избори е – да се навредуваме. Но, фрапантното во овој чин, барем за мене, е што сите навреди се базираат врз предрасуди. Кога и да напишам нешто афирмативно за партијата која ја поддржувам, имам барем еден инстант одговор – „се бориш за вработување“. Добро, ако образложам некако дека ситуацијата со програмерите во Македонија е таква што не ни е баш дојдено до државно вработување, секогаш има втор инстант одговор: „аха – значи за тендери“.
Просто, во земјава постои идеолошки и културен рефлекс кој не им дозволува на соговорниците да прифатат дека разумни, образовани луѓе можат искрено да мислат поинаку. Природна реакција им е да те сместат во некоја категорија: „корумпиран“, „интересџија“ или „наивен“. Тоа е начин да го заштитат сопствениот ограничен светоглед од когнитивна дисонанца. Конечно, ако кај еден од сто, разумот надвладее, ако се најде подготвен да чуе аргументи, расправата ќе заврши со „сите се исти, за никој не гласам“…
Но…
„Јал не јал, три и пол“, „Тркалото ќе продолжи да се врти“, „Водата тече, ќе си направи канал“… Сите овие поговорки од светското културно наследство сугерираат: Ако ти не гласаш, ако ти не се вклучиш, некој друг ќе одлучи за тебе. Повторувам за да биде запаметено – некој друг ќе одлучи за тебе. Твојот „протест“ е твој пораз. А тој „некој“ може да биде и токму оној за кого си мислел дека не е достоен за таа улога. Тој ќе го определува твојот квалитет на живот.
Жал ми е ако ова звучи сурово – но тоа е реалноста. Не ја бираш анархијата кога си пасивен, но ѝ оставаш простор. И затоа, секој треба да биде политички свесен и активен – не поради некоја партија, туку поради себе и оние што ќе дојдат после нас. Конечно, ве плаши изборот на партија. Нема доволно паметни, нели? Па, да, можеби и нема кога стоите настрана.