3 НОВИ УЧИЛИШТА И ЕДНОСМЕНСКА НАСТАВА ВЕТИ МЕЏИТИ ВО ЧАИР Почнува изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ вреден 40 милиони евра

Меџити најави и целосна реконструкција на училишните дворови, оградите и спортските сали, пристапност за учениците со попреченост преку изградба на лифтови и рампи, енергетски ефикасни фасади, современа ИТ опрема во секоја училница. 

158

Кандидатот на Вреди за градоначлник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска на прес-конференција го претстави вториот столб од неговата изборна програма – образованието.

– Нашата визија е јасна и бескомпромисна – да создадеме општина во која секое дете ќе има пристап до врвно образование, во модерни и безбедни училишта каде ќе можат да ги развијат своите таленти, целосно да го остварат својот потенцијал. За таа цел предвидуваме конкретни остварливи и финансиски обезбедени проекти. Прво, инвестираме во темелите – предучилишното и основното образование. Свесни за потребата од повеќе места за најмладите, обезбедивме владина поддршка за изградба на три нови детски градинки – „Снегулко“, „Росица“ и нова градинка во соработка со Општина Карпош за потребите на нашите деца од Општина Чаир – рече тој.






Чаир истовремено почнува со најголемиот инвестициски циклус во училишната инфраструктура досега.

– Ќе изградиме комплетно ново основно училиште во населбата Тенеќе маало за 1.300 ученици кое ќе се вика „Виктори“. Ќе изградиме ново училиште за деца со посебни потреби „Иднина“, обезбедувајќи најдобри услови за нив. Во дворот на сегашното училиште „Иднина“ ќе се гради ново основно училиште кое ќе се вика „Митхат Фрашери“. Ќе ги прошириме капацитетите на училиштата „Хасан Приштина“, „Исмаиљ Ќемаљи“ за да ставиме крај на пренатрупаните паралелки. Ќе изградиме нови модерни спортски сали за училиштата „Хасан Приштина“ и „Јашар Беј Шкупи“ – рече Меџити.

Тој соопшти дека втор дел од вториот столб од неговата изборна програма е модернизацијата на постоечките училишта и гарантирање на безбедноста на учениците. Наша цел, потенцира тој, е секое училиште во Чаир да биде пример за квалитет, затоа, како што нагласи, се обврзуваме на воведување едносменска и целодневна настава во сите училишта во Чаир. Сега едносменска настава се одвива во училиштето „Конгреси и Манастирит“, а се очекува во „Јашар Беј Шкупи“, „7 Март“ и во другите да се реализира во текот на мандатот.

Меџити најави и целосна реконструкција на училишните дворови, оградите и спортските сали, пристапност за учениците со попреченост преку изградба на лифтови и рампи, енергетски ефикасни фасади, современа ИТ опрема во секоја училница.

– Директно вложуваме во учениците и во наставниците. Образованието го прават луѓето, затоа воведуваме стипендии за талентирани ученици и спортисти и награди за најуспешните наставници. Бесплатен училиштен прибор за секое прваче. Бесплатни ИТ обуки и организација на училишните спортски лиги. И конечно проектот што го трансформира Чаир во регионален академски центар, со поддршка од Владата почнува изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“, капитална инвестиција од 40 милиони евра. Ова не е само зграда, ова е знаење, развој, нови работни места и престиж за нашата општина. Вчера е издадена и дозволата за подготвителни работи за изградбата на овој кампус. Од вчера почнува реализацијата на овој капитален проект за Чаир – потенцира Меџити.

Тој нагласи дека ова не е список на желби туку конкретно остварлив и финансиски поддржан план.

– Инвестицијата во образованието е најсигурната инвестиција во иднината на нашите деца и нашиот Чаир. Ние не градиме само ѕидови, туку градиме иднина, знаење и можности за сите. Обезбедивме средства за сите проекти од Владата. Сега е време да ги реализираме – изјави кандидатот на Вреди за градоначлник на Општина Чаир, Изет Меџити. 

Поврзани содржини