ХАМАС МУ ОДГОВОРИ НА ТРАМП, ПОБАРА ВРЕМЕ Кој дел од планот за мир е проблематичен за групата?
Планот на шефот на САД за мир во Газа содржи „сиви зони“, особено околу тоа кога и како ќе се повлече Израел, како ќе се спроведе разоружувањето и кој точно ќе ја води новата преодна управа. Француските медиуми пренесуваат дека токму овие нејаснотии го забавуваат одговорот на Хамас.
„Хамас сè уште спроведува консултации за планот на Трамп (…) и ги информираше медијаторите дека консултациите се во тек и бараат уште малку време“.
Вака анонимен функционер на Хамас одговори на ултуматумот од американскиот претседател Доналд Трамп групата да даде одговор за планот за мир во Газа во следните 3 до 4 дена.
Ситуацијата станува комплицирана – се преговара под сенка на две години војна, десетици илјади мртви и разрушен град, јави агенцијата Франс Прес.
Планот на Трамп, кој го поддржува и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, и доби позитивни оценки од повеќе светски лидери, предвидува прекин на огнот во рок од 72 часа, ослободување на сите заложници што ги држи Хамас и целосно разоружување на движењето. Дел од иницијативата е и постепено излегување на израелската армија од Газа и формирање преодна влада со Трамп како главен посредник.
Но, не е сè така едноставно. Планот содржи сериозни „сиви зони“, особено околу тоа кога и како ќе се повлече Израел, како ќе се спроведе разоружувањето и кој точно ќе ја води новата преодна управа. Француските медиуми пренесуваат дека токму овие нејаснотии го забавуваат одговорот на Хамас.
Од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023, Газа претрпела катастрофална штета. Два милиони луѓе неколкукратно се раселувани, а Обединетите нации ги нарекуваат „безбедните зони“ на југот „места на смртта“.
Во моментов, израелската армија води офанзива врз самиот град Газа, која се смета за последно упориште на Хамас. Жителите на градот бегаат кон југ.