ЗАХАРИЕВ ВЕТУВА НОВИ ВРАБОТУВАЊА До крајот на 2025 уште два огласи за Клиничката болница Штип

Штипската клиничка болница ќе добие нови 43 вработувања до крајот на годината, акцентот е ставен на техничкиот персонал.

116

Клиничката болница во Штип е во завршна фаза со огласот за вработување на 18 лица, но неговата реализација ќе почека до завршување на локалните избори. Директорот на болницата, Владко Захариев, денеска изјави дека е донесена одлуката за новите вработувања, но Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не дозволува потпишување на решенијата во текот на изборниот период.

– Процедурата за огласот со 18 вработувања е завршена, интервјуата се направени, одлуката е донесена, периодот за жалби помина, но останува да почекаме завршување на изборите за да може да се потпишат решенијата – изјави Захариев.






Тој најави дека е во тек уште еден оглас кој ќе овозможи нови 25 вработувања, главно во техничкиот и помошниот персонал, каде што болницата има најголем недостаток.

– Во Министерството за финансии веќе е испратена процедура за 25 вработувања. Акцентот е ставен на болничари, чистачки, технички персонал и медицински сестри – додаде Захариев.

Директорот најави дека до крајот на оваа година треба да биде распишан и трет оглас, со што се очекува почетокот на 2026 година Клиничката болница во Штип да ја дочека со подобра кадровска состојба.

– Недостаток на персонал има на сите одделенија. Но, со овие огласи очекувам дека 2026 ќе ја почнеме со подобра кондиција – оптимистички истакна Захариев.

Проблемот со недостиг на кадар во болницата трае со години, бидејќи дел од лекарите заминуваат во приватното здравство, а постапките за нови вработувања се долги. Со последните активности се прават напори да се стабилизира бројот на лекари и технички персонал и да се обезбедат подобри услови за пациентите.

Поврзани содржини