УБИЕНА ЖЕНА ВО ПУКАЊЕ ВО БЕЛГРАД, 5 ЛУЃЕ РАНЕТИ Полицијата е во потрага по напаѓачот
Пукањето се случило денеска околу 14.30 часот откако непознат напаѓач упаднал во бар и отворил оган врз присутните.
Жена е убиена, а 5 лица се ранети по пукање во бар во белградската населба Вишњичка Бања.
Белградските медиуми јавија дека пукањето се случило денеска околу 14.30 часот откако непознат напаѓач упаднал во барот и отворил оган.
Полицијата и обвинителството во моментот врши истрага. Напаѓачот е во бегство и полицијата е во потрага по него.
Според лекарите во Ургентниот центар, 5 лица се примени, од кои едно лице е во тешка состојба и веднаш е префрлено на операција.
Сведоците раскажуваат дека непознато лице излегло од бело комби, се приближило до барот одзади, влегло во кафулето и почнало да пука. Наводно, се слушнале повеќе поединечни истрели, по што следело стампедо. Испаничени луѓе и од барот и од улицата бегале на сите страни.
– Не се знаеше кој каде оди и во кој правец. Се слушаа вресоци и лелеци. Жената која беше убиена наводно седела на првата или втората маса до вратата во кафулето. Напаѓачот избегал со бело комбе, но засега не е познато дали имал соучесник кој го возел или дејствувал сам – раскажува очевидец на нападот.
Според достапните информации, В. Д. (51) починала, додека М. Љ. (42), А. О. (59) добиле прострелни рани. М. Љ. бил застрелан во левата нога, а А.О. во левата бутина. Н.Н. (33) и Л.Д. (29) исто така се повредени, во пределот на нозете и задниот дел од градите.
И други очевидци опишаа сцени на ужас.
– Работевме и одеднаш се слушнаа истрели. Не беше рафален оган, туку се слушнаа неколку истрели во неколку наврати. Некои прозорци беа скршени, веројатно од продавници и автомобили. Пред пукањето се слушна чкрипење на гума. Тоа комбе, бело, наводно застанало напред и наводно, влетал маж, викајќи: „Со кого се скарале?“ Тој бил бесен, а потоа имало пукање. Се вратил во комбето и избегал. Наводно, кај гостин од барот е пронајден пиштол. Ужас, мислам дека невините повторно страдале – раскажува сведок на пукањето во Белград.