250 НОВИ СЛУЧАИ НА КАРЦИНОМ ГОДИШНО, ПРЕСПА АЛАРМИРА Потребна е заедничка акција за здрава средина и здрав живот

Загрижувачки податоци за зголемен број заболени, загадување на езерото и аларм за пестициди – експертите бараат акција од граѓаните и институциите во Преспа.

238

На Преспа ѝ е потребна заедничка акција која ќе започне од самите граѓани, а ќе продолжи преку институциите и од локалната и од централната власт, за да се создаде почиста животна средина, што пак значи и подобро здравје за сите жители. Ова е заклучокот од панел-дискусијата „Здрава средина, здрав живот“ што се одржа во Ресен по повод Меѓународниот ден за животна средина и здравје – 26 септември. Учесниците без задршки зборуваа за последиците од колективната негрижа за природата.

Директорот на Болницата за респираторни заболувања во Отешево, д-р Благоја Китановски, изнесе загрижувачки податоци за бројот на заболени од карцином во Преспа.






– Има благо зголемување на бројот на заболени од карцином, иако бројката на новозаболени од овој регион не го надминува просекот на ниво на државата. Ние имаме годишно 250 новозаболени од карцином. Таа бројка беше поголема во претходната година, оти за време на ковид-кризата не се правеше дијагностика. За надминување на оваа состојба ние правиме редовни скрининзи за рак на дојка и колоректален карцином кои се малигни заболувања карактеристични за овој регион – изјави д-р Китановски.

Тој истакна дека причините за состојбата се подеднакво последица и на човечкиот фактор и на климатските промени, кои го намалуваат водостојот на езерото, го менуваат живиот свет во него и директно влијаат на здравјето на луѓето.

Претставничка на аптекарите во Преспа, Билјана Стојаноска, додаде дека состојбата е уште позагрижувачка кога се гледа преку продажбата на лекови.

– Имаме податоци што не смееме да ги игнорираме. Моето децениско аптекарско искуство покажува дека како никогаш досега во Ресен продаваме лекови за карцином, тироидна жлезда, стерилитет, алергии. Како фармацевти нема да останеме неми, ќе нудиме едукација и совети за секој што сака да живее поздраво – нагласи Стојаноска.

Д-р Давид Здравески од Институтот за јавно здравје најави редовен мониторинг на воздухот, водата, храната, почвата и бучавата во Преспа.

– Наша должност и обврска е, откога ќе ги добиеме потребните анализи, врз основа на годишните извештаи и епидемиолошки испитувања да дадеме препораки кои обврска има да ги спроведе локалната самоуправа. Тоа редовно го правиме, а така и ќе продолжиме. Останува граѓаните да ги почитуваат – рече Здравески.

Тој препорача ресенчани да носат респираторни маски не само при работа во овоштарниците, туку и за време на подготовката на материјалот за прскање.

Директорката на Хидробиолошкиот завод – Охрид, д-р Орхидеја Тасевска, предупреди дека Преспанското Езеро забрзано старее.

– Промените кои ги предизвикуваат се зголемена продукција на фитопланктон, цветање на алгите. Сериозно е тоа што многу често има токсични алги кои го загрозуваат животот во езерото, но понатаму и на луѓето преку исхраната со риба – рече Тасевска, нагласувајќи дека прекумерната употреба на пестициди е еден од главните виновници.

Од страна на Општина Ресен, на дискусијата учествуваше Ајман Ал Малла од Секторот за животна средина, кој порача дека промената мора да почне од секој поединец.

– Доста веќе се организира чистење диви депонии. Тоа треба да се укине. Треба да тргне секој од себе, од дома, од семејството, па понатаму да дејствуваат и институциите – изјави Ал Малла, кој најави и измена на низа закони за животната средина.

Тој посочи дека Општината веќе спроведува акции за расчистување на дивите депонии, воведување селекција на отпадот и компостирање.

Панел-дискусијата се организираше во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.

Поврзани содржини