НА КАЛЕ ЌЕ СЕ ГРАДИ СПОРТСКИ КОМПЛЕКС Герасимовски им кажа на занаетчиите во чаршијата дека имаат поддршка од Општина Центар

768

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со претседателот на Здружението на занаетчии, Бујар Дулови, ја посети Старата скопска чаршија, каде се сретна со занаетчиите и разговараше за нивниот секојдневен живот и работа. Тој изрази голема благодарност за можноста да помине време во Чаршијата која е симболот на Скопје, и како што рече, Македонци, Албанци, Турци и Роми живеат и работат во хармонија и меѓусебна почит.

– Многу ми е мило што токму овде, во овој дел од Центар, различностите се богатство и силата на заедницата. Старата скопска чаршија секојдневно е дестинација за огромен број туристи од целиот свет. Занаетчиите се целосно поддржани и во Општината имаат сигурен партнер во зачувувањето на автентичноста, унапредувањето на условите за работа и промоцијата на традиционалните занаети – рече Герасимовски.






На средбата беше истакнато дека во завршна фаза е изработката на Деталниот урбанистички план за Кале, со кој е предвидена изградба на цел спортски комплекс што ќе придонесе за поголема живост, развој и дополнителна понуда за сите посетители.

– Заедно со занаетчиите и со центарци ќе го движиме развојот кон зачувување на автентичноста и создавање инклузивен простор кој ќе биде убаво и посакувано место за сите жители и посетители – истакна Герасимовски.

Старата скопска чаршија останува симбол на соживот и традиција, место каде се спојуваат културите, каде почитта е на прво место, а грижата за заедницата е на највисоко ниво.

Поврзани содржини