ПОЧИНА СЕДУМГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА Семејството одбивало, обвинител нареди обдукција на телото

Од моментот на приемот беа преземени сите потребни медицински мерки соодветни на нејзината здравствена состојба, вклучително и интензивна рехидратација, согласно професионалните и клиничките насоки, соопшти тетовската болница.

404

Почина седумгодишно девојче кое било на болничко лекување во Клиничката болница Тетово. Болницата соопшти дека девојчето од тетовското село Челопек било примено на Одделението за педијатрија во саботата во 20.40 часот, а починало во неделата.

„Пациентката беше примена и веднаш беа преземени сите неопходни мерки согласно важечките медицински протоколи со цел поставување на точна дијагноза. Од моментот на приемот беа преземени сите потребни медицински мерки соодветни на нејзината здравствена состојба, вклучително и интензивна рехидратација, согласно професионалните и клинички насоки“ соопшти тетовската болница.






За понатамошен третман била побарана помош од Одделението за оториноларингологија (ОРЛ) за дополнителна интервенција.

„Била побарана помош од ОРЛ за аспирација на секрети од усната шуплина. За жал, за време на интервенцијата, пациентката не покажа знаци на реакција, по што беше итно префрлена на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега, каде што беа преземени сите мерки за реанимација. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, пациентката почина“ информираат од Клиничка болница Тетово.

Оттаму велат дека заради целосна транспарентност и расветлување на причините за смртта, болницата побарала извршување на судско-медицинска обдукција, но родителите одбиле.

„Изразуваме искрено сочувство и длабока тага до семејството во овие исклучително тешки и трагични моменти“ се вели во соопштението.

Од Болницата велат дека се подготвени за соработка со надлежните институции за секое дополнително појаснување поврзано со овој случај.

Од Обвинителството денеска информираат дека вчера во врска со смрта на детето имало и инцидент во болницата. Јавен обвинител наредил телото да биде оредадено на обдукација.

„Јавен обвинител од ОЈО Тетово веднаш по настанот беше известен дека има инцидент со оштетување на имот на болницата. Откако ја утврди причината за инцидентот, обвинителот веднаш уште вчера издаде усна, во утрово и писмена наредба за обдукција на телото на починатото девојче“, информираат од Обвинителството.

Поврзани содржини