📽️ ГРАЃАНИТЕ ПЛАЌААТ, А ЃУБРЕТО ОСТАНУВА Герасимовски затекна купишта смет кај контејнерите
Герасимовски со нов апел до Комунална хигиена, центарци повторно се разбудија во ѓубре.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, утрово излезе на терен заедно со општинските хигиеничари и затекна контејнери опколени со купишта ѓубре. Од лицe место тој испрати остар апел до Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ редовно да го собира отпадот и да ја исполнува својата законска обврска.
– Вака Комунална хигиена си ја завршува својата работа. Како изминативе години, така и денеска, центарци се будат во ѓубре. Нашите хигиеничари се постојано на терен и го расчистуваат она што Јавното претпријатие не го прави. И по овој апел, сигурен сум дека повторно ќе слушнеме демант дека си ги завршуваат обврските навремено – изјави Герасимовски.
За време на утринската акција, екипите на ПОЦ го исчистија просторот околу контејнерите, а градоначалникот најави дека Општина Центар ќе продолжи да работи во интерес на своите жители, иако дел од работите не се во нивна надлежност.
– Нашите 120 хигиеничари секојдневно се на терен и ја завршуваат работата за која граѓаните плаќаат на Јавното претпријатие. Продолжуваме со чистење, но и со тоа што го ветивме, нова опрема. Во наредниот период ќе бидат набавени две цистерни за миење улици, нови метларки и дополнителен камион. Верувам дека после толку апели, конечно ќе се свестат и дека вакви слики со ѓубре нема да има на улиците на Центар – додаде градоначалникот.