АПЛИЦИРАЊЕ, ВАДЕЊЕ ДОКУМЕНТИ И ПЛАЌАЊЕ СО ЕДЕН КЛИК Меџити го претстави надградениот портал за јавни услуги
Ги повикувам сите граѓани, компании и особено студентите да се регистрираат на порталот и да го направат дел од нивното секојдневие, затоа што секоја административна услуга ќе ја добијат полесно и побрзо, првиот вицепремиер Изет Меџити.
Новиот портал за јавни услуги овозможува лесен и брз пристап до стотици јавни услуги, кои сега се достапни онлајн 24/7, на три јазици: македонски, албански и англиски, најавија денеска на плоштадот „Скендербег“ првиот вицепремиер Изет Меџити и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тие ја претставија новата фаза на порталот за јавни услуги, платформа која има за цел да стави крај на бирократијата и да ги приближи граѓаните до администрацијата преку технологија.
– Со само неколку клика од компјутер или телефон, граѓаните и компаниите можат да аплицираат, да плаќаат и да ги завршат потребните услуги без да одат на шалтер – велиМеџити.
Платформата опфаќа широк спектар услуги. За граѓаните тоа се изводи, уверенија, лични карти, патни исправи, услуги од катастар, итн. За бизнисите – лиценци, уверенија за работен стаж и вработување, судски уверенија и услуги од Агенцијата за храна. За студентите: апликација за ваучери за електронски уреди (лаптопи, компјутери), со следење на статусот на апликацијата во реално време, без чекање и редови.
Меџити истакна дека оваа платформа е дел од визијата за модерен и ефикасен државен систем.
Тој најави дека наскоро и општина Чаир ќе ги дигитализира сите свои услуги, поставувајќи нови стандарди за општините во земјата.
– Ги повикувам сите граѓани, компании и особено студентите да се регистрираат на порталот и да го направат дел од нивното секојдневие, затоа што секоја административна услуга ќе ја добијат полесно и побрзо – вели Меџити.
Новиот портал за јавни услуги е конкретен чекор кон модернизација на администрацијата и интеграција во европските стандарди за достава на услуги до граѓаните.