„ГЕНЕРАЛКА“ НА СКОПЈЕ ВО ПРВИТЕ 72 ЧАСА Ѓорѓиевски најави големи промени во Скопје

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје вети интегриран јавен превоз, еколошки автобуси, целосно реновирање на Универзална сала и киното Милениум, воведување програма Град без депонии и еко бригади. Најави и пошумување на градот, како и 50 мали маалски паркови.

368

„Генералка” на Скопје во првите 72 часа од мандатот, најави денеска кандидатот за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски на промотивниот настан што се одржува во Музејот на современа уметност вети интегриран јавен превоз, еколошки автобуси, целосно реновирање на Универзална сала и киното Милениум, воведување програма Град без депонии и еко бригади. Најави и пошумување на градот, како и 50 мали маалски паркови.






Како што истакна Ѓорѓиевски, најдоброто за Скопје допрва доаѓа.

-Пред нас е нова страница – на создавање вредности. Скопје мора да биде град во кој сите ќе живеат убаво. Ова не е само моја патека, туку на сите нас. Сите заедно ќе го направиме Скопје, град кој што ќе биде убаво, безбедно и пријатно место за живеење.  Скопје во кое секој ќе се чувствува горд што живее и сигурен во тоа дека иднината му припаѓа живеејќи токму овде. Стојам пред вас не како политичар, туку како човек кој нема да гледа на мандатот како на личен успех, туку како на обврска кон граѓаните. Како човек кој секое утро го дише истиот воздух, кој заглавува во истиот сообраќаен метеж, на кого му пречат истите диви депонии и кој сонува за подобро, поуредено, почисто Скопје. Како човек кој има родители, сопруга, дете, за кои се грижам да бидат спокојни, безбедни, да имаат пристојни услови за живот, да имаат убави училишта, градинки, спортски сали – рече Ѓорѓиевски.

Скопје, додаде тој , мора да биде  достоинствен дом на сите граѓани.

-И токму затоа, овој град заслужува повеќе од градоначалник. Заслужува човек. Затоа велиме: Прво човек, потоа градоначалник! Веќе еднаш покажав и докажав дека кога се сака – се може. Најтешките препреки можат да се надминат ако си човек и ако работиш. Тука сум да ги слушам потребите на моите сограѓани, и да одговорам на нив. Човечки. По скопски! – рече  Ѓорѓиевски .

Мотото на промотивниот настан е „Прво човек, потоа градоначалник“.

 

Поврзани содржини