ЕМИСИЈАТА НА ЏИМИ КИМЕЛ СУСПЕНДИРАНА ПОРАДИ КОМЕНТАР ЗА ЧАРЛИ КИРК Водителот ги критикувал реакциите на убиството
Американската телевизиска мрежа ABC го симнала од програмата водителот на доцновечерното шоу Џими Кимел откако во емисијата го коментирал убиството на конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк.
„Емисијата „Џими Кимел во живо“ е суспендирана на неодредено време“, изјави портпаролот на американската телевизиска мрежа ABC во сопственост на Дизни. Кимел не сакал да ја коментира одлуката додека го напуштал студиото во Лос Анџелес.
Кимел ги критикувал реакциите на убиството
Кирк, познат конзервативен активист и коментатор, беше застрелан на 10 септември.
Убиството се случи во државата Јута, а 22-годишниот Тајлер Робинсон е обвинет за тешко убиство.
Кимел во монолог во понеделник вечерта рекол дека „екипата на MAGA очајно се обидува да го прикаже овој клинец кој го уби Чарли Кирк како нешто друго освен еден од нив и да извлече политички поени од тоа“.
Водителот го критикувале спуштањето на знамињата на половина копје во чест на Кирк и се потсмевал на реакцијата на американскиот претседател Доналд Трамп: „Ова не е начинот на кој возрасен човек тагува за некого кого го нарекува пријател. Ова е начин на кој четиригодишно дете тагува за златна рипка“.
Сепак, истиот ден, Кимел се огласил на Инстаграм за да го осуди нападот и да изрази сочувство до семејството на Кирк.
Според судските документи, мајката на Робинсон изјавила дека нејзиниот син „станал политички активен“ во изминатата година и се наклонил кон левичарските ставови, вклучително и поддршката за ЛГБТ правата. Властите соопштија дека тој не бил регистриран во ниту една партија и не гласал ниту во 2022 ниту во 2024 година.
Трамп: Одлични вести за Америка
Откако ABC ја објави одлуката, претседателот Трамп ја поздравил суспензијата: „Емисијата на Џими Кимел, која имаше проблем со гледаноста, е откажана. Честитки до ABC што конечно имаше храброст да го направи она што беше потребно“.
Трамп ги нападна и другите водители, Џими Фалон и Сет Мејерс, кои ги нарече „губитници од лажната NBC телевизија“.
Трамп и Кимел веќе имале разменувано навреди. На минатогодишните Оскари, Кимел ја прочита на сцената негативната рецензија на Трамп за неговиот настап.
„Опасна репресија“
Коментарите на Кимел предизвикале реакција и во Федералната комисија за комуникации (FCC). Комесарот Брендан Кар, кој бил назначен од Трамп, рекол дека Кимел го покажал „најдоброто можно лице на болеста“ и го повика Дизни да ореагира.
– Емитувањето доаѓа со должност да се дејствува во јавен интерес, рекол Кар. Тој сметал дека извинувањето би бил „минимален и разумен чекор“.
Членката на демократската FCC, Ана Гомез, ги критикувала изјавите на Кар: „Непростливото политичко насилство на една пореметена личност никогаш не треба да биде изговор за цензура“.
Синдикатот на писатели WGA и синдикатот на актери SAG-AFTRA ја осудиле одлуката на ABC, нарекувајќи ја кршење на правата за слобода на говор и „опасна репресија“.
Демонстранти пред студиото
Одлуката на ABC дошла откако Nexstar Media, еден од најголемите сопственици на телевизиски станици во Соединетите Американски Држави, објавиле дека нема да ја емитуваат емисијата на Кимел на неодредено време, нарекувајќи ги неговите коментари „навредливи и несоодветни“.
Sinclair, најголемата група локални станици на ABC, исто така одлучила да ја повлече емисијата од својот распоред. Наместо тоа, објавиле специјална емисија посветена на Кирк.
Извори на CNBC изјавиле дека Кимел не е отпуштен и дека мрежата ќе разговара со него за тоа што треба да каже кога ќе се врати на екранот.
Публиката која чекала пред холивудското студио била разочарана од откажувањето.
– Ова станува смешно. Тој го изрази своето мислење, а потоа веднаш беше откажан. Сметам дека е тоа бизарно, рекла Џана Блеквел, туристка од Вирџинија.
Мала група демонстранти се собрале пред студиото држејќи транспарент на кој пишува „Трамп мора да си оди сега“.