ЛОГИСТИЧКИОТ ЦЕНТАР НА „ЛИДЛ“ ВО КУМАНОВО Е ВО ЗАВРШНА ФАЗА Првата пратка производи ќе тргне во средината на следната година
Инвестицијата е вредна 115 милиони евра и се протега на површина од 63.000 квадратни метри.
Логистичкиот центар на „Лидл Северна Македонија“ во Куманово е во завршна фаза. Првата пратка на производи од него се очекува да биде кон средината на 2026 година. Ова беше соопштено по денешната посета и обиколка на логистичкиот центар од премиерот Христијан Мицкоски со членови на владата и претставници од општина Куманово.
Станува збор за најголемата логистичка инвестиција во земјата и клучен проект за развој на малопродажната мрежа.
Инвестицијата е вредна 115 милиони евра и се протега на површина од 63.000 квадратни метри. Со изградбата на логистичкиот центар ќе се овозможи побрзо снабдување на продавниците, отворање на 230 нови работни места и создавање нови можности за домашните компании и фармери да станат дел од синџирот на „Лидл“.
– Овој логистички центар подразбира свежи производи за македонските потрошувачи во секоја продавница, секој ден. Не два, не три, не четири дена подоцна, туку буквално секој ден. Ова е можност и за македонските производители да ги намалат трошоците, односно да ги складираат своите производи овде како централна точка, а дополнително ние располагаме со контрола на квалитет, што е многу важно за Агенцијата за храна и ветеринарство, бидејќи гарантираме за свежината и за квалитетот на производите – изјави Милена Драгијска-Денчева, извршна претставничка на „Лидл“, изразувајќи благодарност за соработката до Владата и до Општина Куманово.
Центарот ќе биде опремен со повеќе од 110 електрични виљушкари, ќе има 274 паркинг места за автомобили, 100 паркинг места за камиони и 2 станици за полнење на електрични возила, а во иднина се планира и поставување на станица за полнење на електрични возила.
„Лидл“ веќе соработува со повеќе од 75 локални производители, а оваа соработка ќе се проширува со секое ново отворено продажно место.
Логистичкиот центар ќе биде основната точка за снабдување на сите идни „Лидл“ продавници во државата, што ќе овозможи поефикасна дистрибуција и постојана достапност на производи за граѓаните. Со автоматизираните системи и дигиталните процеси, ќе се намалат загубите на храна и ќе се зголеми енергетската ефикасност.
Центарот ќе биде опремен со повеќе од 110 електрични виљушкари, ќе има 274 паркинг места за автомобили, 100 паркинг места за камиони и 2 станици за полнење на електрични возила, а во иднина се планира и поставување на станица за полнење на електрични возила.
На покривот на зградата ќе има фотоволтаичен систем со капацитет од 1 MW, а отпадната топлина од системот за ладење ќе се користи како извор на топлина низ целата зграда, со што ќе се постигне максимална енергетска ефикасност.
Како дел од групацијата Schwarz, „Лидл“ планира континуирано проширување на својата мрежа во Северна Македонија со инвестиции од над 300 милиони евра и отворање над 1.000 работни места на национално ниво во следните години.
„Лидл“ е една од водечките компании во прехранбената индустрија во Германија и Европа. Работи со над 12.200 продавници и повеќе од 220 логистички центри и магацини во 31 земја.
Како супермаркет со пониски цени, Лидл го вреднува оптималниот сооднос цена-квалитет за своите потрошувачи. Едноставноста и посветеноста кон процесот ги одредуваат секојдневните делувања во продавниците, регионалните дистрибутивни центри и услугите на компанијата. Lidl Stiftung, како даватели на системски услуги, со седиште во Некарсулм, е одговорен за креирање и структурата на стандардизираните процеси.