ДОНЕСЕН Е НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ Ќе овозможи пониски сметки, почист воздух и европски стандарди
Законот обезбедува суштински исчекор во намалување на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливи извори и намалување на емисиите на стакленички гасови.
Со новиот Законот за енергетска ефикасност кој беше донесен на последната седница на собранието земјата добива уште една силна законска рамка, усогласена со европските стандарди, која директно ќе придонесе за пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и отворање на нови зелени работни места, велат од Министерството а енергетика и рударство.
-Законот обезбедува суштински исчекор во намалување на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливи извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Со неговото спроведување ќе се создаде стабилен систем кој ќе ја приближи земјата до европските климатски цели и до концептот на зелена транзиција – велат оттаму.
Новиот закон за енергетска ефикасност донесува повеќе новини меѓу кои: воведување на европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“, донесување долгорочна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради во енергетски ефикасни објекти како и тројно зголемена заштеда во јавниот сектор – задолжителна реконструкција на најмалку 3% од јавните згради годишно.
Се воведува обврска за задолжително поставување на соларни колектори при изградба или реконструкција на училишта, градинки и јавни институции како и се воведува финансиска поддршка за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии.
Со новиот закон се воведуваат и високи стандарди во јавните набавки, дигитална транспарентност и професионализација на енергетските контроли како и се вклучуваат сертификатите за енергетски карактеристики во Катастарот на недвижности и се поттикнува меѓуопштинска соработка.
-Со усвојувањето на овој закон се воспоставува правна, економска и социјална рамка што ги намалува трошоците за граѓаните и бизнисите, ја забрзува интеграцијата на обновливите извори и овозможува креирање на одржлив енергетски систем – велат од Министерството за енергетика.
Законот за енергетска ефикасност, велат од Министерството, е дел од пакетот реформски закони кои го поставуваат темелот за стабилен, одржлив и конкурентен енергетски сектор – со енергетска сигурност, подобар квалитет на живот за граѓаните и забрзано приближување кон Европската Унија.