ТРАМП НАЈАВУВА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ВО ВАШИНГТОН „Нема да дозволам криминалот да се врати на улиците“
Американскиот претседатѕел Доналд Трамп ги обвини „радикализираните левичарски демократи“ дека вршат притисок врз градоначалничката да не соработува со имиграциските власти во депортацијата на насилните нелегални мигранти.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави денеска дека би можел да прогласи национална вонредна состојба и да воведе федерална контрола врз главниот град Вашингтон, откако градоначалничката на градот, Муриел Баузер, изјави дека локалната полиција нема да соработува со Службата за имиграција и царина.
Проблемот е поврзан со давањето информации за луѓето што живеат или влегуваат нелегално во Соединетите Американски Држави.
Одлуката на претседателот Трамп беше објавена откако неколку илјади демонстранти излегоа на улиците овој месец во врска со распоредувањето на единиците на Националната гарда во главниот град. Трамп во август донесе таква одлука со цел „враќање на законот, редот и на јавната безбедност“.
Дел од најавените 800 припадници на Националната гарда што ќе бидат распоредени во Вашингтон по наредба на претседателот Доналд Трамп пристигнаа во тој град.
„За само неколку недели „местото“ апсолутно напредува за прв пат по децении, практично без криминал“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл.
Тој ги обвини „радикализираните левичарски демократи“ дека вршат притисок врз градоначалничката Баузер да ја информира владата дека нема да соработува со имиграциските власти во депортацијата на насилните нелегални мигранти.
„Ако ова го дозволам, криминалот ќе се врати на улиците. До луѓето и бизнисите во Вашингтон, им велам – не грижете се, јас сум со вас и нема да дозволам ова да се случи. Ќе прогласам национална вонредна состојба доколку е потребно“, објави Трамп.

Националната гарда е распоредена во Вашингтон од 11 август, како дел од акцијата на Трамп за борба против криминалот, која може да се прошири и во други градови. Администрацијата тврди дека стапката на криминал се намалила откако федералните служби ја презедоа контролата.