ПОЧНУВА ТРКАТА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ Кандидатурите мора да се поднесат до полноќ, ждрепката е на 25 септември

Кандидатурите се поднесуваат до полноќ, ждрепката за редоследот на листите ќе се одржи најдоцна на 25 септември.

358

Сите кои сакаат да се кандидираат на Локалните избори 2025, закажани за 19 октомври, имаат рок до полноќ за поднесување на кандидатури за градоначалници и листи за членови на советите во 80 општини и Градот Скопје. Кандидатурите се доставуваат преку овластени предлагачи во просториите на Општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).

Од Државната изборна комисија (ДИК) информираат дека ОИК веднаш по приемот утврдува дали листата е поднесена навремено и во согласност со Изборниот законик. Податоците за исполнување на условите се проверуваат во регистрите на надлежните институции, кои мора да ги достават информациите во рок од 24 часа.






Ако листата е поднесена правилно, ОИК или ИКГС ја потврдува во рок од 24 часа. Во случај на неправилности, предлагачите имаат 48 часа за отстранување на забелешките или за замена на кандидат што не ги исполнува условите. Листите можат да се повлечат само целосно, во рок од 48 часа од потврдувањето.

Редоследот на листите ќе биде утврден со ждрепка што ДИК ќе ја одржи најдоцна на 25 септември. Утврдените листи ќе бидат објавени најдоцна 23 дена пред изборите, а во општините каде над 20% од граѓаните зборуваат друг службен јазик, тие ќе бидат објавени и на тој јазик.

До 27 септември, политичките партии што учествуваат во изборниот процес ќе го потпишат Кодексот за фер и демократски избори.

Поврзани содржини