ВИСТИНСКИ ЛУЃЕ НА ВИСТИНСКИТЕ МЕСТА Левица ја претстави новата генерација кандидати

Левица нагласува дека новите кандидати се чесни, посветени и со длабоки врски со своите заедници, подготвени да се борат против корупцијата и непотизмот.

1,606

Левица денеска соопшти дека со гордост ја претставува новата генерација кандидати за градоначалници на претстојните локални избори. Како што истакнуваат од партијата, станува збор за луѓе со интегритет, длабоки врски со своите заедници и визија за чесна, транспарентна и праведна локална самоуправа.

Како што споделија од Левица, во Гевгелија поддршката од граѓаните ќе ја бара професорот по македонски јазик Тони Аврамов. За Куманово партијата се одлучи за актерот и магистер по сценско-изведувачки уметности Мирослав Петковиќ, додека за Македонски Брод ќе настапи магистерот по фармација Марјан Ѓурчески. Во Крушево, довербата ќе ја бара дипломираниот сообраќаен инженер Зоран Јаневски, а во Кочани професорката по македонски јазик и литература Жаклина Филипова-Свеќаровска.






Во општина Илинден кандидатурата ја презема пензионерот и поранешен командир од Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ Мартин Маринковски, а во Пехчево кандидатурата ја води инженерот за животна средина Невенка Тренчевска. За Берово довербата на граѓаните ќе ја бара докторот по ветеринарна медицина Мирче Кировски, додека во Ранковце кандидатурата ја презема дипломираниот едукатор по семејни студии Иван Нешевски. Старо Нагоричане ќе биде претставено од ветеринарниот техничар и сопственик на сточарска фарма Андреј Димитријевски.

„Нашите кандидати се вистинските луѓе на вистинските места. Тие го познаваат секојдневниот живот на граѓаните, се дел од заедницата и се подготвени да работат чесно и одговорно. Левица останува доследна на својата борба против корупцијата, непотизмот и расипничкото трошење на јавните пари. Нашата цел е локалната самоуправа да се врати во рацете на граѓаните“, изјавија од партијата.

Партијата нагласува дека општините се темелот на вистинската промена и дека новите кандидати, со своето знаење и посветеност, ќе работат за подобрување на животот во локалните заедници.

Поврзани содржини