Политикантски „еу екскурзии“

Сите, што би рекла скопската улица, „кој до којега“, со едно малку безобразно дополнување коешто сепак ќе го изоставам! И со сиот ум, „лидеро“ им отиде на поклонение, сосе „линиите“!?

248

После оној смешко Шолц и неговите јавни и најбезобразно изразени предизборни „поздрави“ и поддршка до криминално-коруптивната коалиција сдсм-дуи (малите букви се…) којашто, за среќа, доживеа вистинска катастрофа, еве сега уште една екс-еу шушумига вкалупена во чевлите на бившиот италијански министер за надворешни работи го поздравува „пријателот на Европа“ олицетворен, ни помалку ни повеќе, туку – во ликот на „славниот“ Бујар Османи како претставник на нивното старо пријателство.

А со тоа веројатно ѝ посакува успех и на целата бивша мафијашка коалиција на претстојните локални избори. Зашто, се разбира, старите европски пријателства, особено кога се втемелени на секакви заеднички интереси, не се забораваат. И – се поддржуваат. Бидејќи „нашиве“ се осведочените „почитувани пријатели на Европа и на Европската унија“.






Ние останатите, за среќа, тоа не сме!

Само неколку дена претходно, преку „лидеро“ на куќниот совет и македонската политикантска опозиција, поздрав ни испратија и други „сериозни“ фаци, овојпат од Франција среде парламентарната криза: пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи и специјалниот претставник за Балканот.

Сите, што би рекла скопската улица, „кој до којега“, со едно малку безобразно дополнување коешто сепак ќе го изоставам! И со сиот ум, „лидеро“ им отиде на поклонение, сосе „линиите“!?

И ќе остане забележано во историските анали на евроинтегративниот процес на Македонија: пред кој и да е во државава да го види предлогот за „црвените линии“ – или, што би рекол Геровски, „червените линии“ – на оној Филипче и на друштвото на мртви политиканти што глуми политичка партија, „лидеро“ прво оди во Париз на консултации, барајќи поддршка за „неговите решенија“ за деблокирање на евроинтеграцискиот процес! Да не е вистина, ќе умревме од смеење. Вака, ни останува само да се чудиме на димензиите на глупоста на таканаречената македонска опозиција.

Зашто, што ако еднакво мртвите француски политиканти во овој миг речат дека „червените линии“ на Филипче&компани се тоа што ѝ треба на еу (малите букви се…) сега? Ние – поточно власта – ќе потрча да ги усвои и да постапува по нив? Може ли некој да биде толку лесен (ајде да не речам малоумен и политички неписмен)? Или овде „квака 22“ е нешто друго, нешто што рибарите го знаат под името „фрли рипче, фати крапче“? Впрочем, имајќи го предвид потеклото на „лидеро“, логична е асоцијацијата, нели?!

И тука, би рекол, престануваат, или застануваат, сите мајтапи со оваа група „рибари во матно“ која би сакала (повторно) да биде власт во земјава. Но и сериозните потенцијални размислувања за некаков нивен можен придонес за развојот на земјава во вистинска насока, за демократски поместувања, за отворање на евроинтегративниот процес во вистинските насоки… итн. Таа група на политички отпишани луѓе очигледно нема капацитет да размислува во сериозни насоки во вакви кризни времиња, ним постојано им треба ментор со којшто како со „баба рога“ – ете, пак јас со „српскиот свет“! – ќе го плашат народот и ќе му мафтаат пред нос со француската поддршка на нивните глупости. Зашто, зарем Франција, особено во овој миг и со оние спомнати „политички фактори“ навистина би можела разумно да процени нешто?

Згора на тоа, фантастично е што воопшто некој во оваа и ваква Европа – а особено во оваа и ваква еу! – се чувствува подготовен и компетентен да се плетка во внатрешни работи на суверена држава, па нека се тоа и нејзините проблеми со евроинтегративниот процес. Во таа насока, Филипче можел комотно да појде и до Софија наместо да „тепа“ онолкав пат до Париз – или требало малку да си го прошета задникот на сметка на партијата? – при што одговорот односно резултатот би бил идентичен: „червените линии“ ви се фантастични!

Не сум сигурен дека луѓето од оваа криминално-коруптивна групација – сега повторно „од некого“ осоколени дека можат пак да дојдат на власт – не знаат која е и каква е оваа еу последнава деценија, па и подолго. Тие не знаат многу работи, но ова сигурно го знаат. Не само нејзиниот тотален морален распад, недемократскиот однос внатре во „семејството“ кон помалите членки и особено изразениот „неоколонијализам“ (Слапшак), растечкиот неофашизам и премолчената поддршка на геноцидни политики итн. Таа и таква еу, онака скршена и понижена со наметнатиот договор на Трамп, може да се сили само на држави како Македонија.

Зошто? Затоа што, не само со последниов потег на „лидеро“ туку и со многу други веќе очебијно проѕирни манифестации, идните проучувачи на современата македонска историја нема многу да се двоумат околу внатрешната поддршка на културната војна што ја води еу против Македонија. И дека голем дел од потезите односно „решенијата“ што овде некој ги предлага се „надворешна кујна“ со пресметани долгорочни дејствија. А тие не се секогаш, или воопшто не се – добронамерни! Целиот македонски „демократски“ пат од онаа 1991 година наваму „мириса“ на мемливо (про)европско политикантство зачинето со типични македонски мирудии.

И затоа, не е точна констатацијата дека сега времињата се многу сменети, дека ова не е веќе 1991 година, дека ние сами си ги решаваме проблемите. Тоа, едноставно, не е точно! Прво, ние не можеме сами да си ги решиме проблемите сѐ додека кај нас превладува онаа веќе смирисана „стратегија“ дека ние без еу сме ништо. Но таа е на сила бидејќи ние не сакаме да размислуваме за нови хоризонти. Или не можеме, не сме способни? Впрочем, историјата покажува дека „се лепиме“ за најблиските решенија, оние што ни изгледаат најлесни и најбезболни – а не се – како впрочем и дамнешната „приврзаност“ на дел од македонската историска интелигенција кон источниот сосед. Тие им биле, што се вели, „при рака“. Но потоа тие „приврзаности“ некој ги трансформира во трајни од коишто подоцна не можеме да се „одлепиме“!

И понатаму, сѐ додека низ земјата неодговорно и непречено роварат разноразни „групации“ со нивни „решенија“, сѐ додека кај нас некои самопрогласени елити за секоја запирка трчкаат во Брисел, Париз, Софија…, што пак други „сили“ го поздравуваат како обид „да се покрене закочениот механизам кој ќе не движи напред“, ние нема да мрднеме никаде и ќе се истоштуваме во бескрајни јалови „дискусии“ – попрво кавги – без видлив резултат. Ако пак онаквите политикантски „еу екскурзии“ на опозицијата и нивната евидентна неспособност и поддршката на културната војна некои ги прогласуваат и поздравуваат како “нормално и потребно за државата и за народот“, тогаш излезот од овој еу лавиринт не е ни на повидок.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини