ДРИСЛА И НИКУШТАК УШТЕ ГОРАТ Вкупно 29 пожари имало утрово низ Македонија
Активни пожари има на депонијата Дрисла во општина Студеничани, кај селото Булачани во општина Гази Баба и кај селото Татеши и населбата Елен Камен во општина Струга.
Вкупно 29 пожари на отворен простор се евидентирани утрово до седум часот во целата земја, соопшти Центарот за управување со кризи.
Активни пожари има на депонијата Дрисла во општина Студеничани, кај селото Булачани во општина Гази Баба и кај селото Татеши и населбата Елен Камен во општина Струга.
Активен е пожарот во липковското село Никуштак, информираа денеска од ЦУК. Пожарот, вчера се прошири и кон скопскиот регион, зафатена е нискостеблеста, но и дабова шума. И утрово на терен се екипи од „Национални шуми“.
– И во кумановскиот и во скопскиот регион интервенираат екипи на „Македонски шуми“, екипи на ТППЕ од Скопје и доброволци организирани од општина Гази Баба. На терен се со специјализирани возила. И денеска очекуваме поддршка од воздух – изјави заменик директорот на претпријатието, Кире Михаилов.
Вчера во Никуштак, покрај екипи на „Национални шуми“, пожарот го гасеа и два авиона и еден хеликоптер од воздух.
Кумановските пожарникари, вчера гаселе пожар во атар на село Оризаре, Липковско, интервенирале и запалено стрниште во Опае. Пожарникарите од Старо Нагоричане интервенирале во Стрновац на опожарена ниска вегетација.
Под контрола се пожарите во општините Берово и Струмица. Кај село Русиново, опожарени се дабова, букова шума и папрат. Во село Куклиш опожарена е депонија.