ПОЖАРОТ НА ГРАНИЦАТА СО КОСОВО Е ИЗГАСНАТ, НЕМА ОПАСНОСТ ЗА СКОПЈАНИ Пожарникарите вчера имале интензивен ден, Скопска Црна Гора останува најголем предизвик

Повеќе од 40 пожари избувнаа на отворено, а над 30 се изгаснати. Стојанче Ангелов вели дека пожарот на границата со Косово е целосно изгаснат и дека нема да го загадува воздухот во Скопје. Изгаснат е и пожарот кај Старо Нагоричане, додека се гасне пожарот кај Рамно на Скопска Црна Гора.

29

Пожарот на македонско-косовската граница кој беше активен неколку дена е целосно изгаснат и нема опасност од нов чад за скопјани, информира првиот човек на Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

– Во овој момент нема горење ниту од македонска, ниту од косовска страна и нема да предизвикува загаденост на воздухот во Скопје – рече Ангелов истакнувајќи дека неделата, 6 септември, бил еден од најинтензивните денови за пожарникарите воаа сезона.






Во неделата избувнале повеќе од 40 пожари на отворено, од кои 30 се изгаснати, додека 4 остануваат активни.

Се гасне пожарот кај Рамно, пак се активира пожарот кај Милетинo 

Најголемиот предизвик за пожарникарите останува пожарот кај Рамно, на Скопска Црна Гора. Утрово во гаснењето се вклучи и полициски хеликоптер.

На терен работат скопските пожарникари и огнените тимови на ДЗС. Вклучени се и неколку тима од Национални шуми. Армијата испрати 30 припадници за заштита на објектот на врвот Рамно.

Пожарот кај Милетинo, во Општина Брвеница, повторно се активира во текот на ноќта. Пожарникарите и тим на ДЗС го ставија под целосна контрола во раните утрински часови.

Цела ноќ битка со огновите кај Ругинце

Пожарникарите го изгаснаа и пожарот кај Ругинце, во Општина Старо Нагоричане. Ангелов им се заблагодари на екипите од Старо Нагоричане и од Ранковце.

– Пожртвувано, изложувајќи се на ризик, работеа во текот на ноќта и успеаја да го изгаснат тој пожар кој зафати, би рекол, огромна површина – рече Ангелов.

Активен останува и пожарот кај Белица, во Општина Македонски Брод. Теренот е тешко пристапен, а на одредени места е целосно непристапен.

Пожарот кај Тајмиште е под контрола

Пожарот кај Селци и кај Локов во текот на ноќта значително ослабе. Утрово повторно покажа знаци на горење. На терен излегоа пожарникарите од Струга, а по потреба ќе биде испратен и воздухоплов.

Пожарот кај Тајмиште, Кичевско, е ставен под целосна контрола.

Ангелов предупреди дека високите температури може повторно да ги разгорат жариштата и да предизвикаат нови пожари.

– Повторно апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, бидејќи доволна е само искра за вистинска катастрофа – порача Ангелов.

Поврзани содржини