ГАСОВОД, ИГРАЛИШТА, УЛИЦИ, КАНАЛИЗАЦИЈА – КУМАНОВО ПРОДОЛЖУВА ДА СЕ МЕНУВА Отчет на градоначалникот Максим Димитриевски

Овие 4 години беа период на многу работа и голем број реализирани проекти. Посветени сме да направиме уште многу работи за наше Куманово да биде модерен европски град. Но, во едно сум сигурен – Куманово продолжува да се менува на подобро! Куманово денеска е посплотена заедница и поквалитетно место за живеење, порача Димитриевски.

148

Многу реализирани и тековни проекти во инфраструктурата, урбанизмот, екологијата, спортот, образованието, социјалната заштита, културата се содржани во отчетот за сработеното на Општина Куманово во изминатите 4 години, за време на вториот мандат на градоначалникот Максим Димитриевски, кој денеска во Занаетчискиот дом даде отчет пред граѓаните на најголемата општина во Македонија, соопшти локалната самоуправа од Куманово.
– Изминатите години, сите заедно, посветено ја менувавме сликата на нашиот град Куманово. Овие 4 години беа период на многу работа и голем број реализирани проекти. Посветени сме да направиме уште многу работи за наше Куманово да биде модерен европски град. Но, во едно сум сигурен – Куманово продолжува да се менува на подобро! Куманово денеска е посплотена заедница и поквалитетно место за живеење – порача Димитриевски.

Општина Куманово е единствена во државата која воведе бесплатен јавен превоз за сите граѓани на сите линии, рече тој. Во соработка со ЈУ Општински ученички дом „Професор Мијалковиќ“, додаде, е воведена народна кујна за ранливите категории на граѓани. Димитриевски потенцираше дека се враќа сјајот на култните објекти за Куманово и кумановци: Спортската сала добива потполно нов лик и се реконструира храмот на спортот – комплексот Соколана. Рече и дека се реконструирани се соколанскиот парк и градскиот парк.






– Општината продолжува и со инвестиции за развој на инфраструктурата во индустриската зона Новина и Речица, која привлекува нови инвеститори значајни за развој на стопанството во Куманово. Се доопремуваат и јавните претпријатија во Куманово. Преку проект за подобрување на општинските услуги, општинските јавни претпријатија добија 12 возила со опрема и механизација. Со цел решавање на деценискиот сообраќаен проблем изградени се нови 2 кружни текови на клучни локации и тоа: нов кружен тек на крстосницата помеѓу улиците Гоце Делчев, Бајрам Шабани и булеварот Трета македонска ударна бригада, како и кружен тек и паркинг простор каде што се спојуваат Трета македонска ударна бригада и Октомвриска револуција, а се работи и на отпочнување на изградба на трет кружен тек – рече градоначалникот.

Континуирано се вложува во инфраструктурата со изградени вкупно 13.500 метри атмосферска и фекална канализација, над 4.800 метри водоводна мрежа, над 175.000 квадрати асфалтирање и реконструкција на улици и патишта, над 78.000 квадрати поставен бекатон, над 2.700 метри изградена гасоводна мрежа со дистрибуирани над 5 милиони метри кубни гас до граѓаните и компаниите во изминатите 4 години, наброја градоначалникот.

Изградени се нови 6 мултиспорт игралишта со тартан подлога на повеќе локации и тоа: во училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, во ООУ „Вера Которка“ во с. Клечовце, во ООУ „Магдалена Антова“ во населба Карпош, во селата Романовце, Агино Село и Пчиња. Нови 8 детски катчиња за најмладите и тоа: на улицата Есперанто во населбата Зелен Рид, на булеварот Октомвриска револуција – локалитет Водовод, во населбата Гоце Делчев, во селото Черкези, во Перо Чичо и на градскиот кеј. Се реализираат низа акции за заштита на животната средина, со засадени над 10.000 садници. Реасчистени сенад 50 диви депонии на повеќе различни локации, додаде тој.

– Реализиравме и над 140 проекти и активности во образованието, во училиштата каде што се образуваат и воспитуваат нашите деца. Инвестиравме во подобрување на енергетската ефикасност, во реконструкција на училишни спортски сали, набавка на нова опрема неопходна за квалитетен образовен процес во основните и во средните училишта, во централните и во подрачните затоа што сите деца заслужуваат ист третман и исти услови. Во 6 училишта изградивме мултифункционални спортски игралишта, а повеќе населби добија нови детски катчиња – рече Димитриевски.

Тој потенцираше дека за време на двата досегашни мандати како градоначалник се водел од принципите на посветеност, напорна работа, искреност и отвореност. Најдобро признание за ова е последниот индекс на активна транспарентност од 97.1%, со што Општина Куманово е меѓу институциите на државно ниво со многу добро ниво на активна транспарентност.

– Сите овие достигнувања се доказ дека Куманово чекори напред, со нов урбан лик, со силна поддршка за граѓаните и со јасна визија за иднината. Заедно го правиме Куманово подобро место за живеење. Куманово продолжува да се менува – порача кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Поврзани содржини