„Нашето“ перверзно семејство
И ние повторно пропуштаме да бидеме во фокусот на настаните, раководени од некои прилично непродуктивни – да не речам јалови! – релации со некакви „стратешки“ партнери и, ќе простите, „смирисани “ амбиции да бидеме дел од некакво „семејство“ коешто, де факто, ни самото не умее да се грижи за себеси. Ја пропуштивме таа шанса во Москва, сега го пропуштаме и Пекинг.
Знам дека скандалот со прислушувањето во АНБ прилично – но во пошироки рамки сепак само за миг – ќе ги затскрие историските случувања во Кина и новото преобликување, или поместување, како сакате, на светската воена, но и друга моќ од Запад кон Исток.
И ние повторно пропуштаме да бидеме во фокусот на настаните, раководени од некои прилично непродуктивни – да не речам јалови! – релации со некакви „стратешки“ партнери и, ќе простите, „смирисани “ амбиции да бидеме дел од некакво „семејство“ коешто, де факто, ни самото не умее да се грижи за себеси. Ја пропуштивме таа шанса во Москва, сега го пропуштаме и Пекинг. Зошто? Заради „стратегии“ наметнати пред три децении коишто, во континуитет, но и на дневна основа, се покажуваат – промашени? Но и крајно неморални, нецивилизирани, непринципиелни и агресивно фашистички во одредени случаи? А често и контрапродуктивни! Па ние заради САД и еу (малите букви се реален одраз на нивната „големина“ денес!) не гласавме ниту за една резолиција на ОН за Палестина! Извинете, но ни (гео)политиката не смее да биде толку монструозна!
Меѓутоа, во Пекинг пред некој ден, како впрочем и во Москва пред неколку месеци, се случуваше т.н. „shift“ не само во геополитичката туку и во реалната премоќ во светот. Трамп, кого го „почитувам“ само заради неколку одлични внатрешнополитички потези, може само да пелтечи за некакви „заговори“ што неколку моќни држави ги коваат против САД.
Тие и такви „заговори“ – или, ако сакате, цивилизациската премоќ на Истокот – се „исковани“ пред десетици илјади години. И тоа Западот, па и Трамп (колку и да е неук), го знаат! И тие цивилизациски траги на една Кина, Индија, Русија… не можете баш така едноставно, со еден или два „твита“, да ги (и)збришете. Попрво тие ќе ве (и)збришат вас како незнајко, необразован и невоспитан, насилник без реална основа… итн. Тоа го искусиле многу умислени „војсковотци“ низ историјата!
Но, всушност, јас сакав да пишувам и за нешто друго. Иако и првото е дел од тоа друго. Имено, кога велам дека пропуштаме уште една голема прилика да бидеме дел од важниот свет не мислам дека со тоа би ја отфрлиле нашата прозападна идеја, аспирациите за членство во еу и слично. Но, во македонската надворешнополитичка констелација, секој контакт е важен, особено со држави од онаков формат како Кина, Индија, Русија, земјите од БРИКС и др. И тоа би бил логичен след на „политиките“ на еу кон Македонија, па и на САД, ако баш сакате. Или некој мудрец овде мисли дека ние не би имале никаква полза од погоре спомнатото друштво? А каква полза имаме од овие другиве?
И впрочем да ја оставиме ползата настрана: на Македонија денес ѝ е неопходно широко отворање кон светот, најмалку можеби само кон САД и еу. Зашто кога одблизу ќе го погледнете тоа друштво, таа политикантска мафија во „Армани“ костуми и со песјаците оклештени кон секој кој не сака да игра според нивните „правила“, сликата изгледа застрашувачка. И најмалку е пријателска. Да беше таква, ние одамна ќе бевме во тоа еу, што и да е!
Зашто, како што вели Арундати Рој, моралната архитектура на западниот либерализам се урива од ден во ден, не само во Газа туку низ целиот свет. И тој таканаречен западен либерализам станува ништо повеќе од лицемерен. Западните политики колабираат пред наши очи, либералната морална конструкција одамна е прав и пепел над којшто стои споменикот на убиените деца во Палестина со премолчено учество на САД и еу во тоа злосторство. И наше, зашто нашата прозападна нато и еу „стратегија“ е еднаков соучесник во тој геноцид! Кога ги гледате оние перверзни ликови како се шепурат на европската политичка сцена, каке се инаетат (како оној Макрон) како малоумни деца но од другите бараат сериозност, морал и чесност, кога ја слушате онаа креатура викана Елина Валтонен која глуми министерка за надворешни работи на Финска а бара да се „излечи“ рускиот канцер, кога ја гледате нејзината пријателка Калас, но и оној Руте, како монструозно навиваат за нови крвопролевања…, тогаш сериозно се прашувам – дали сме ние нормални? И има ли еден паметен во оваа македонска политика и зошто ни е друштвото на овие безмилосни луѓе?
Зашто, САД одамна, а еу последниве децении, целосно го загубија кредибилитетот да говорат за демократија, слобода, човекови права, владеење на правото… итн. Тоа денес се само флоскули што тие ги користат како штит, како последно прибежиште пред демонстративното решение на граѓаните да ги отстранат од власт. Ако САД де факто и не треба којзнае колку да нѐ интересира, зарем навистина ние би се согласиле да бидеме „семејно поврзани“ со онакви криминогени убијци кои поддржуваат една геноцидна држава како Изреал, или насилничка како Бугарија, дискриминаторска како јужниот ни сосед и др.? Или треба да се угледаме на онаа Германија која, со нејзината историја врз грбот, прогласува други за злосторници на денешницата? Па извинете, а што е тоа „денешница“ и до каде се протега? Само до вчера? Па дури и да е така, што со Нетанјаху?
Или ние, во нашата веќе перверзна игра со еу, гледаме само да им ги земеме парите? И зарем тоа, повторно, нѐ не прави исти како нив!?
Или, ако баш сакате, ако за една Словачка, но и за Унгарија, не е баш сеедно дали светот ќе ги гледа само како дел од злосторничката еу или ќе се обидат да остават впечаток (и) на мирољубиви држави подготвени да пропагираат пријателство и со навидум спротивставени државни субјекти, зошто ние би се срамеле од тоа? Или ние сме подобри од нив? Но – во што, ако смеам да прашам?!
Се разбира, секоја држава самостојно ја развива својата внатрешна и надворешна политика. Не знам колку ние сме во тоа самостојни но дали навистина сакаме историјата да нѐ забележи како сојузници на спротивната, лошата страна? Да, знам, некој „мудрец“ ќе праша: според кои параметри се мери добрата или лошата страна? Ок, а дали, на пример, бројката на убиени во Газа би бил главниот параметар, а на којшто еу не реагира? А со еу и ние?
Да, секако, не мора никој да ме потсетува на бројката на убиени во Украина. Што сепак не е исто, меѓутоа, ако е така, како тогаш ние ја избираме страната? Зошто едните се подобри од другите? И зошто едните се непријателот а другите – не?!
Но тоа, се разбира, не е единствениот параметар. Ние со Русија, или со Кина, Индија, БРИКС… не би развивале зависно-семејни или идеолошки релации, туку примарно економскиот би бил водилка на воспоставувањето на поблиски контакти со овие моќни светски држави. Или некој, како контрааргумент, ќе ја посочи географската оддалеченост на Македонија од овие држави? Ама, САД ни се географски нешто многу поблизу од Индија, на пример? Или, зарем навистина денес, во услови на космичкото премостување на растојанијата, некој може да размислува така анахроно?
Или некој кај нас и понатаму сака да ги гледа Франција, Германија, Италија како рамноправни економски џинови како Кина, Индија, Русија…? Па, ве молам, зарем сме толку неуки? И зарем ќе спаднеме на некакви еуфорични лукративни изливи на секакви „професорчиња“ кои цели три децении се обидуваат да креираат некаква нивна налудничава надворешна политика? И кои дури сега откриваат каде лежи проблемот со руската инвазија врз Украина, или одеднаш, како станати од сон, бараат признавање на Палестина?
Па зарем малку ни беа цели три децении хаотичен „развој“ во сите државни сегменти диктиран од такви и слични типови?
И повторно, ако некој не научил: цивилизациите доаѓаат и си одат, но некои се константа, го сакале тоа еу и САД или не. Македонија некогаш била дел од тој циклус – сакал некој тоа да го признае или не – но сега е таму каде што е. Затоа, денес, бројно помалите и економски послабите држави од нашиот формат се приклонуваат ваму или онаму, го гледаат базичниот интерес за/на својата земја врз основа на некакви (во даден момент) објективни параметри за распределбата на моќта – економската и воената – во светот. И во тој момент, или да бидам попрецизен: во онаа 1992 година, сите параметри можеби говореле во полза на еу и САД. И македонското политичко раководство – ако воопшто нешто решавало во тој поглед – не згрешило во определбите за таа опција!
Меѓутоа, дали нештата во светот, па и во геополитиката, се баш така и толку статични, особено во поглед на континуитетот на премоќта – воена, економска, политичка…, и друга? Но и во поглед на трансферот на таа моќ, од еден субјект кон друг? И зарем стратешките интереси на една држава, колку и да е мала, не се подложни на преиспитување? Или ако зборот преиспитување е пресилен, тогаш барем на споделен ингтерес и за други опции? Или тоа нам не ни е дозволено? Ама на Словачка – да, и на Унгарија исто така? Па и на Србија, ако баш сакате. Зарем националните интереси на Македонија, согледувајќи ги вакви какви се, не треба да водат грижа за можниот трансфер на моќта во светот и импактот врз нашата земја?
А тоа, извинете, сепак говори во прилог на Истокот. И на оној триаголник викан Русија-Кина-Индија, кон што се додаваат и земјите од БРИКС. А тоа е повеќе од половината на светот! Или некој сака да спори со тоа? Или сака да говори за човековите права, македонските, во однос на еу, па и на источниот и јужниот сосед? Баш би сакал да го слушнам тоа!
П.С.
И, замислете, 26 земји од „нашето“ европско семејство се обврзале да ја чуваат Украина „со војска или со поддршла од копно, море или воздух“, но ниту една не се сети да мрдне барем со малиот прст и да ѝ помогне на Македонија во нерамноправната битка за достоинство и идентитет!
Извор: Теодосиевски уметност