ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ЗАГЛАВИЈА СО ПОТПИСИТЕ Недостигаат околу 200 потписи за „Независни заедно“ да стане партија
За регистрација на политичката партија „Независни заедно“ потребни се 1.000 потписи од граѓани. Иницијативата досега собра околу 800, а недостигаат уште 200.
Граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групацијата 389“ се соочуваат со сериозни предизвици во собирањето потписи за формирање на политичката партија „Независни заедно“.
Иако според Законот им се потребни 1.000 потписи од граѓани, досега успеале да обезбедат околу 800, што значи дека им недостигаат речиси 200 за да го постигнат условот.
– Искрено, потешко оди отколку што очекувавме, но не се откажуваме. Сакаме да ја изградиме оваа приказна и без разлика дали тоа ќе биде во рокот до 13 септември или подоцна, политичката партија „Независни заедно“ ќе стане реалност – ни изјави Јана Белчева од иницијативата „Шанса за Центар“.
Таа додава дека рокот за поднесување независни кандидатури истекол вчера, но дека нивните кандидати за локалните избори во октомври веќе се пријавени и ќе се најдат на изборните листи.
– Дури и да не стигнеме на време со потписите за формирање партија, тоа ништо не менува. И не би сакала преку медиуми да шпекулирам што би било кога би било. Процесот ќе продолжи, колку и да трае – вели Белчева.
„Независните“ веќе го промовираа својот кандидат за градоначалник на Град Скопје, тоа е деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски. Во трката за градоначалник на општина Центар, пак, ќе се вклучи поранешната претседателка на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска.
Првиот круг од локалните избори е закажан за 19 октомври, а вториот за 2 ноември.