ФЕР ПОНУДА ЗА КОМПАНИИТЕ Државата да им го врати солидарниот данок на две рати
Премиерот Христијан Мицкоски смета на овој начин нема да се загрози ликвидноста на државниот буџет.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека врз основа на проекција што нема да ја загрози ликвидноста на Буџетот до компаниите е доставена фер понуда за начинот на враќањето на солидарниот данок што го воведе претходната влада, но Законот за оваа давачка беше поништен од Уставниот суд. До компаниите е доставен предлог исплатата на солидарниот данок да се изврши во две рати – во март 2026 и март 2027 година. Доколку правните лица не се согласат, ќе се изнајде друг соодветен модел на повеќе рати (до пет), со почеток од март 2026.
Мицкоски изрази жалење што, како што рече, „поради законодавството и актуелната гарнитура во Судскиот совет и во Обвинителството не одговраат тие што душмански трошеле народни пари“.
– Да, изминатиот период се преговараше и се остварија состаноци со голем дел од компаниите. Таква била среќата јас би рекол и покрај тоа што тогаш од опозиција најголем дел од јавноста апелираше да не се однесуваат така насилнички како што се однесуваше претходната Влада и антиуставно и спротивно на закон, тие не слушаа. Мене ми е жал што ни е такво законодавството и оваа гарнитура во Судскиот совет и Обвинителството која не повикува никого на одговорност. Тоа се сепак народни пари, ваши пари, вие ќе треба да ги враќате парите што некој ги трошел на незаконски и на неуставен начин – рече Мицкоски.
Направивме, дополни Мицкоски, проекција како да не биде загрозена ликвиодноста на Буџетот и мислам дека понудата којашто е дадена е фер.
– Има, нормално, компании што прифаќаат и поинакви услови, и кои што негодуваат, различни се импресиите и впечатоците, но генерално можам да кажам дека состојбата е таква, да тоа што го направи минатата влада на СДСМ и ДУИ на незаконски начин и неуставно ќе треба да го врати оваа Влада и жалам што тие што го направија тоа не одговараат пред законот бидејќи душмански трошеа народни пари, рече Мицкоски.
Министерството за финансии, како што објави претходно ресорната министерка Гордана Димитриеска Кочоска, постапува по задолжение на Владата за решавање на состојбата со компаниите кои уплатија средства врз основа на Законот за солидарен данок.
„До компаниите е доставен предлог исплатата да се изврши во две рати – во март 2026 и март 2027 година. Доколку правните лица не се согласат, ќе се изнајде друг соодветен модел на повеќе рати (до пет), со почеток од март 2026. Во моментов тече процесот на прибирање на одговори од компаниите. Министерството ќе ги разгледа и ќе ја информира Владата за постигнатите резултати, со цел започнување на постапката за враќање на средствата“, напиша Димитриеска Кочоска во објава на Фејсбук.
Во 2023 година, 156 компании уплатија над 3 милијарди денари по основ на Законот за солидарен данок, а Уставниот суд на 5 февруари годинава донесе одлука да го поништи Законот за данок за солидарност.
Според Уставниот суд, Законот не ја гарантира правната сигурност на субјектите кои се опфатени со него. Со впуштање во уредување односи коишто претходно веќе биле уредени и завршени, Судот утврдил дека се создава правна несигурност за даночните обврзници и нивните легитимни очекувања, а со тоа и повреда на владеењето на правото и на уставно загарантираното право на сопственост кое е неприкосновено. Правата што произлегуваат од него никој никому не може да ги одземе или ограничи.
„Според содржината на член 2 од Законот, причините за воведување на данокот се непредвидливи и неповолни економски околности во државата, што според Судот се нејасни критериуми. Во истата одредба, како „оправдување” на солидарноста, се појаснува дека Законот се заснова на принципите на правичност, еднаквост и пропорционалност според кои секој е должен да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласност со своите економски можности“, наведе Уставниот суд.