ЌЕ НИ ТРЕБААТ И НАД 50.000 СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ ГОДИШНО ЗА ДА СЕ ЗАДРЖИ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ Без многудетни семејства македонската економија ќе биде прва на удар

Колку и да сакаат да ми исмејуваат, јас ќе останам на оние семејни политики коишто значат иднина за Македонија како држава, нови работни места за македонскиот работник и поконкурентна македонска економија која што ќе расте, вели премиерот Христијан Мицкоски.

2

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, за жал македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој одговараше на новинарско прашање за коментар на изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега, односно, дали тоа значи дека за 4 години отсега во Македонија ќе има 200.000 странски работници.






Работите треба длабински да се анализираат, рече Мицкоски.

– Јас кога зборував пред година и пол, две, за семејни вредности, за фертилитет, тогаш ме направија дека сум заостанат, дека сум ретрограден, дека не знам што зборувам и што сè не изнапрочитав за себе, но, за жал, тој предизвик останува и понатаму. И тоа што го укажуваше потпретседателот на Влада и министер за транспорт можеби е и потценета вредност, можеби ќе ни требаат многу повеќе за да ја задржиме економската активност – рече Мицкоски.

Укажа на случувањата во Западна Европа, каде што за да се одржи нивото на економија и да има благ пораст на номиналниот бруто-домашен производ, потребно е секоја година да се даваат стотици илјади, па можеби и милиони работни дозволи за мигранти.

– Така што, колку и да сакаат да ми исмејуваат, јас ќе останам на оние семејни политики, на многудетни семејства и на политиките коишто значат иднина за Македонија како држава и нови работни места за македонскиот работник и поконкурентна македонска економија која што ќе расте – потенцира премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини