МУ ВЛЕГОЛ ДОМА СО НОЖ, МУ ОДЗЕЛ 4.000 ДЕНАРИ, ПА МУ ВРАТИЛ 1.000 Разбојништво во скопско Бучимци
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривичното дело Разбојништво.
„Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и со капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари. Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни. Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз оштетениот со заплашување и со уценување, како и на можност да го повтори делото.