НЕМА ДОГОВОР ЗА КОЛЕКТИВНА БЕЗБЕДНОСТ БЕЗ РУСИЈА Тоа е утопија, пат за никаде, вели Лавров

Не можеме да се согласиме со фактот дека сега се предлага да се решаваат прашањата поврзани со безбедноста, колективната безбедност, без Руската Федерација. Ова нема да функционира, вели рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

381

Решавањето на прашањата за колективна безбедност во светот без учество на Русија е невозможно, Западот разбира дека ова е „утопија и пат за никаде“, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по разговорите во Москва со јорданскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ајман ал-Сафади.

Изјавата на Лавров следува два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа одржа состанок со украинскиот претседател Володомир Зеленски и со европските лидери за гаранциите за безбедноста на Украина, што би можело да помогне во завршувањето на војната.






– Не можеме да се согласиме со фактот дека сега се предлага да се решаваат прашањата поврзани со безбедноста, колективната безбедност, без Руската Федерација. Ова нема да функционира. Постојано објаснувавме дека Русија не ги преувеличува своите интереси, ние цврсто и решително ќе ги браниме нашите легитимни интереси. И сигурен сум дека на Запад, а пред сè во Соединетите Американски Држави, совршено добро разбираат дека сериозната дискусија за безбедносните прашања без Руската Федерација е утопија, пат за никаде – рече Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи, исто така, рече дека Москва е подготвена да води преговори во кој било формат и да го подигне нивото на делегациите во преговорите, но секоја средба меѓу рускиот и украинскиот лидер треба да биде кулминација на таквите преговори и треба внимателно да се подготвува.

Поврзани содржини