КАКО ТОА ПОРАНО СЕ ГУБЕЛЕ АРБИТРАЖИТЕ, А СЕГА СЕ ДОБИВААТ? Нема да има отворање на рудникот „Казандол“
Премиерот потврди дека направиле промена во адвокатскиот тим, но и дека е симптоматично како во минатото се губеле сите арбитражи како по правило, а сега се добиваат.
Премиерот Христијан Мицкоски по отворањето на нова хала на компанијата „Амфенол“ во Општина Кочани одговараше на новинарски прашања. Запрашан за арбитражата за случајот „Казандол“ даде свое видување.
– Ова е втора арбитража која оваа Влада ја добива. И очекуваме барем уште две во периодов кој што следи. Но вистинското прашање е како во минатото во пракса е да се губат арбитражите и сега наеднаш арбитражите е добиваат во полза на државата. Треба тоа да се истражи – изјави Мицкоски.
Премиерот потврди дека направиле промена во адвокатскиот тим, но и дека е симптоматично како во минатото се губеле сите арбитражи како по правило, а сега се добиваат.
– Во случајот станува збор за арбитража која вредеше околу 115 милиони евра, толку беше тужбеното барање на спротивната страна која што го побарувше од тужениот во случајов тоа е Македонија – потенцира Мицкоски.
Како причина да се случи оваа арбитража е раскинатата концесија од страна на Владата за формирање на рудникот „Казандол“.
– Сопствениците на инвестицијата почувствувале дека имаат изгубен профит, дека имале штета и покренале арбитража против државата во вредност 115 милиони евра односно барале оштета како ошетно побарување од 115 милиони евра. Го изгубија, тоа значи дека тие немаат концесија – изјави премиерот Мицкоски.
И додаде дека не е вистина дека со ова што компанијата изгубила сега веќе ќе има отворање на рудникот и дека тоа е повторно конструкција и обид за манипулација од одредени кругови коишто не и мислат добро на Македонија и на граѓаните во Македонија, потенцира Мицкоски во изјавата.