ОБЕЗБЕДЕНИ СЕ 65 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА УНИВЕРЗИТЕТСКИОТ КАМПУС „МАЈКА ТЕРЕЗА“ И ЗА ПАРКИНГ КАЈ „СКЕНДЕРБЕГ“ Меџити го најавува почетокот на изградбата во Чаир
Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити.
Изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ и на подземниот паркинг на плоштадот Скендербег стануваат реалност, за овие крупни проекти се обезбедени 65 милиони евра од државниот буџет, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити. Според него, реализацијата на овие проекти ќе започне многу скоро.
„Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје. Во таа насока, денеска остварив значаен состанок со министерот за транспорт, Александар Николовски, директорот на Инспекторатот за градежништво и претставници на Општина Чаир, каде што се договоривме за конкретните чекори што ќе го обезбедат итното започнување на овие проекти“, објави Меџити.
Овие инвестиции, додаде тој, поставуваат нови темели за урбаното и образовното модернизирање на нашиот град, означувајќи клучен момент за стратешкиот развој на Скопје.
„Со оваа посветеност, отвораме нова фаза, каде визијата за функционален, иновативен и развоен град се претвора во реалност. Благодарение на меѓуинституционалната координација и заедничката посветеност, многу брзо ќе започне теренската реализација на овие проекти од национално и стратешко значење. Ние ги исполнуваме ветувањата и ја претвораме визијата во реалност!”, напиша виџепремиерот Меџити.