СЕКОЈА ГОДИНА 3% ОД ДРЖАВНИТЕ ЗГРАДИ ЌЕ СТАНУВААТ ЕНЕРГЕТСКО ЕФИКАСНИ Се носат измени на Законот за енергетска ефикасност

Годишната цел за заштеда на енергија во јавните згради се зголемува од 1% на 3%, со задолжителна реконструкција на најмалку 3% од вкупната површина на јавните објекти секоја година.

48

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) подготви измини и дополнувања на Законот за енергетска ефикасност, со кој се прави суштински исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, намалување на емисиите на стакленички гасови и интеграција на обновливите извори на енергија (ОИЕ).

– Со предложеното законско решение се обезбедува усогласување со ЕУ стандардите, се поттикнуваат економски придобивки и се овозможуваат законски придобивки за граѓаните, кои би довеле до пониски сметки за енергија, подобра заштита на животната средина и отворање на нови зелени работни места – велат од Министерството за енергетика.






Со измените и дополнувањата се воведува европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“ што подразбира дека јавниот сектор, енергетските компании и потрошувачите ќе бидат обврзани да ги применуваат најдобрите трошковно-ефективни мерки за оптимизација на енергетските системи, вклучително и технологии базирани на ОИЕ.

Владата, на предлог на МЕРМС, ќе усвои 20-годишна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални објекти, кои ќе се трансформираат во енергетски ефикасни згради со речиси нулта потрошувачка. Оваа стратегија предвидува интеграција на соларни системи и други обновливи извори на енергија.

Годишната цел за заштеда на енергија во јавните згради се зголемува од 1% на 3%, со задолжителна реконструкција на најмалку 3% од вкупната површина на јавните објекти секоја година.

Министерството во соработка со Службата за општи и заеднички работи на Владата, подготвува предлог план за реконструкција на згради од јавниот сектор на државно ниво, кој на годишно ниво опфаќа реконструкција на најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на зградите објавени во списокот од на зградите со вкупна корисна подна површина над 250 m2 кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики, кои се во сопственост и се користат од страна на лицата од  јавниот сектор на државно ниво.

При изградба или значајна реконструкција на училишта, градинки и други јавни институции ќе се вградуваат сончеви колектори за топла вода, каде што е технички и економски изводливо.

Министерството за енергетика воспоставува финансиска поддршка и финансиски механизми за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии.

Владата ќе донесува уредби и програми за поддршка на реконструкцијата на домувања, јавни и комерцијални згради. За спроведување на годишна програма за мерките за поддршка за реконструкција на зградите за домување, јавните и комерцијалните згради, МЕРМС ќе објавува јавни повици за доделување на право на користење на мерки за поддршка на енергетската ефикасност и во постапка на јавна набавка ќе врши избор на правни лица за изведување на работи за реконструкција за поголема енергетска ефикасност.

Се создава законска можност за функционирање на МВП алатка со која ќе се врши мониторинг и верификација и се очекува преку неа да се обезбеди прецизно следење на ефектите од мерките и постигнатите заштеди.

Јавните институции ќе бидат обврзани да набавуваат производи, возила и згради со највисоки енергетски и еколошки стандарди.

Владата ќе воведе Обврзувачка шема за енергетска ефикасност (ОШЕЕ) и/или алтернативни мерки за постигнување на конкретни цели за заштеда на финална енергија, со фокус на операторите и институциите.

Енергетските контролори повторно ја добиваат клучната улога во спроведувањето на политиките за енергетска ефикасност. Ќе се спроведуваат испити и обуки како основа за издавање на сертификати за енергетски карактеристики на згради, кои како обврска се задолжителни пред издавање на употребни дозволи, но низ изминатите години по сила на закон беа само   продолжувани  по службена должност.

Сите сертификати за енергетски карактеристики на згради ќе бидат задолжително запишани во Катастарот на недвижности.

Општините со помалку од 15.000 жители ќе можат заеднички да развиваат програми за енергетска ефикасност. Само општини со усвоена програма ќе имаат пристап до Фондот за енергетска ефикасност.

Се гарантира валидност на постојните уверенија за енергетски контролори, додека новите критериуми стапуваат во сила по една година.

Покрај другото Министерството за енергетика  ќе ги подготви подзаконските акти што недостасуваа изминатите пет години, со што ќе се обезбеди директен ефект врз граѓаните, државата и економијата – пониски сметки за енергија, почиста животна средина, отворање нови работни места и усогласување со европските стандарди.

Поврзани содржини