НЕТАНЈАХУ НУДИ ПАРИ НА ЗЕМЈИ ЗА ДА НАСЕЛАТ ПАЛЕСТИНЦИ Израелскиот премиер планира „Голем Израел“?
На прашањето дали иселувањето Палестинци во други земји се поврзува со концептот за „Голем Израел“, израелскиотпремиер одговори – „Да, многу“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху отвори нов бран реакции со изјава дека Израел разговара со неколку држави за можна преселба на Палестинци од Газа, објави Асошиејтед Прес. Според висок израелски функционер, меѓу земјите споменати во тие разговори се Јужен Судан, Сомалиленд, Етиопија, Либија и со Индонезија.
За возврат, земјите бараат „значајна финансиска и меѓународна компензација“.
Јужен Судан вчера ги нарече извештаите „неосновани и не го одразуваат официјалниот став“ на државата. Сличен став претходно изнесе и Сомалиленд. Индонезија, пак, најави дека може да прифати 2.000 Палестинци на лекување, но со услов да се вратат во Газа по закрепнувањето.
– Сите оние кои велат дека се загрижени за Палестинците и сакаат да им помогнат на Палестинците треба да ги отворат своите врати. Зошто доаѓаат и ни проповедаат?! Отворете ги вашите врати – изјави Нетанјаху во интервју за i24.
Во истото интервју, тој тврдеше дека планот не предвидува „истиснување“ на Палестинците, туку „им дозволува да заминат“. Во разговор со новинарката Шерон Гал, на прашањето дали се поврзува со концептот за „Голем Израел“, Нетанјаху одговори – „Да, многу“.
„Сите планови за преместување на Палестинците, без разлика дали се во Газа или во странство, не се прифатливи според меѓународното право. Тие не треба да бидат прифатливи ниту за Палестинците, ниту за меѓународната заедница“, соопшти Шајна Лоу од Норвешкиот совет за бегалци.
Изјавата на Нетанјаху за „Голем Израел“ предизвика бурни реакции во арапскиот свет. Египет побара појаснување, предупредувајќи дека таквата реторика „поттикнува нестабилност и одразува отфрлање на потрагата по мир“.
Саудиска Арабија соопшти дека „категорично ги отфрла плановите за населување и експанзионизам усвоени од израелските окупаторски власти“. Катар оцени дека терминот претставува „арогантно продолжување на окупацијата и очигледно кршење на суверенитетот на државите“.
Во меѓувреме, Министерството за здравство на Газа соопшти дека во изминатите 24 часа се убиени најмалку 123 лица во израелските напади, додека повеќе од 100 хуманитарни организации предупредија дека израелската блокада спречува влез на витална помош и ја турка територијата во глад.