КАДЕ ЗАВРШУВААТ ПАРИТЕ ОД ДОНАЦИИТЕ АКО ПАЦИЕНТОТ УМРЕ? Годишно се собираат до 3 милиони евра за лекување, прашање е како се распоредуваат
Постојат сериозни обвинувања дека некои фондации и платформи за хуманитарна помош агресивно „ловат“ пациенти, дека цените за исти интервенции варираат без јасно медицинско образложение. Дали станува збор за изолирани случаи или за симптоми на празнини во системот што директно ја јадат јавната доверба?
Што се случува со парите собрани за лекување на некој пациент ако тој почине и не ги искористи за операција или за лекување? Дали се враќаат на донаторите, дали се пренасочуваат кон други случаи или исчезнуваат во сивата зона меѓу внатрешни правилници и институционален вакуум?
Парите се за пациентот, не за семејството!
Според правилниците на фондациите што собираат донации за лекување, прво се покриваат валидните медицински трошоци и долгови, а преостанатото се пренасочува кон други хуманитарни случаи, односно пациенти. Ако средствата веќе се префрлени на сметка на семејството, семејството предлага пренасочување, но не смее да ги задржи за лична употреба.
Бугарската Фондација „Павел Андреев“ која собира донации и за македонски пациенти, за Плусинфо појаснува дека во случај на смрт на лицето за кое се собираат пари, расположливата, но неискористена сума не останува кај семејството. Иницијаторот на кампањата треба да ја префрли на друга кампања (или на неколку) на платформата, или во фондот, во рок утврден во општите услови.
– Во Македонија корисниците имаат право да ги користат преостанатите средства за исплата на преостанати долгови кон клиниката. Доколку потоа останат средства, мора да ги префрлат во други кампањи на платформата, во рок од 30 дена од смртта на корисникот – велат од „Павел Андреев“.
Оттаму додаваат дека ова веќе е воспоставена пракса и дека донаторите се информирани пред самата уплата.
– Кога донирате средства на платформата, има поле во кое се нагласува „Донирајќи, Вие се согласувате со општите услови. Дознајте повеќе за трансакциските такси“, со што донаторите се информирани како се постапува со нивните донации. Ова поле се наоѓа над копчето „Сакам да донирам“ – објаснуваат од Фондацијата.
Од Црвен крст за Плусинфо наведуваат дека нивниот фокус се големи катастрофи, но кога посредуваат за конкретно лице, ако пациентот почине пред да му бидат исплатени парите, тие не се исплаќаат, туку се пренасочуваат кон други хуманитарни цели.
Љупчо Петковски, основач на фондацијата „Икрауд (ECrowd)“, објаснува дека „Икрауд“ го следи моделот на Фондацијата на Телеком.
— Се покриваат неплатени долгови, а преостанатите средства се пренасочуваат. Има луѓе кои отвораат сметки кај повеќе фондации и го кријат тоа за да соберат повеќе од потребното. Затоа бараме податоци колку е собрано вкупно и исплаќаме само онолку колку што недостасува — вели тој.
Собрани повеќе од 250.000 евра за измислен пациент
За тоа што се случува со парите што се собираат за лекување, сомнежи отвори и неодамнешниот случај „Даниел“. Македонската Фондација „Икрауд“ (ECrowd) предупреди дека преку непостоечка фондација биле собрани над 250.000 евра, а доменот за донации бил регистриран во Исланд – чест избор на измамници кои сакаат да го сокријат својот идентитет.
Во оваа измамничка кампања најмногу платиле донатори од Македонија и од Бугарија.
„Сакаме да го свртиме вашето внимание дека такво правно лице не постои (види доказ во слика). Досега се собрани значителни средства и има речиси 1.000 донатори од кои многумина се од Македонија и од Бугарија. Доменот е регистриран во Исланд, каде што многу често измамниците регистрираат домени со цел да го скријат својот идентититет. Станува збор за измама, не наседнувајте на неа. Линк до објавата, очигледно креирана со вештачка интелигенција – https://be.dawnofchild.org/danielm“, предупреди тимот на Икрауд и побара од граѓаните кои уплатиле да поднесат пријава во МВР со банкарски извештаи, како и да стопираат евентуални претплати.
Постојат и сериозни обвинувања дека дел од платформите за донации агресивно „ловат“ пациенти, дека цените за исти интервенции варираат без јасно медицинско образложение и дека надзорните органи во земјава не даваат јасен одговор кој и како ги контролира овие текови. Ова не се изолирани приказни, туку симптоми на празнини во системот што директно ја јадат јавната доверба.
Не прифаќаат пациенти во терминална фаза
Гинекологот и член на тимот на „Икрауд“, Ненад Лазаров, додава дека оваа Фондација не прифаќа кампањи за терминални пациенти доколку нејзината медицинска комисија процени дека шансите се минимални.
– Многупати бевме напаѓани за ова, но мора да ја штитиме довербата. Понекогаш се навредуваат и велат: „Кои сте вие да кажете дали има надеж?“ Но селекцијата и транспарентната исплата се клучни. Многупати сме ваделе од наш буџет по 200-500 евра за да помогнеме. Имаме голема екипа – адвокати, човечки ресурси, заштита – внимаваме да не направиме глупост – вели тој.
Лазаров опиша конкретен случај во кој парите веќе легнале на сметката на мајката чиешто дете починало пред да се употребат собраните пари.
– Собиравме за дете, трошоците беа исплатени пред да почине. Дел од парите останаа кај мајката, а таа по своја волја ги донираше на друга кампања. Таквите ситуации се ретки, но постои протокол како да се постапи – вели Лазаров.
Повремено, објаснува Лазаров, поединци ги злоупотребуваат хуманитарните акции.
– Во Македонија има мајки што живеат на болеста на децата, нон-стоп собираат пари за живот, а не за лекови — вели тој.
Како функционираат договорите со фондациите?
Од Фондацијата „Павел Андреев“ за Плусинфо вели дека при стартување кампања, секој иницијатор се регистрира и мора да ги прочита и да се согласи со општите услови на Фондацијата.
– Согласноста се дава со означување поле дека ги има прочитано општите услови, со што се склучува онлајн договор помеѓу платформата и иницијаторот на кампањата. Во случај да не се согласува и да не даде согласност, не може да започне кампања на нашата платформа – велат од „Павел Андреев“.
На прашањето дали постои законска или внатрешна обврска за поднесување извештај за тоа како се трошат донираните средства, од Фондацијата одговараат дека „во секоја кампања има дел за нови вести каде што излегуваат сите новости по кампањата за извршени исплаќања и за секаков вид информација што ја засега дадената кампања“.
Ненад Лазаров го проблематизира овој вид на функционирање бидејќи, како што вели, „Павел Андреев“ нема претставништво во Македонија, па нивните договори се само онлајн, што значи дека не може правно да одговараат во земјава доколку се случи некаков спор.
– Фондацијата „Павел Андреев“ е само на интернет, а исто така тврдат дека за да ви ги исплатат парите, мора да им ги дадете парите што сте ги собрале од други хуманитарни акции. Практично ви велат: „За да ти платам, сите пари што си ги собирал треба да ми ги префрлиш на сметка, па јас ќе ти ги платам трошоците“. Немаат канцеларија во Скопје. Што ако влезеш во спор со организацијата? Тука немаат претставништво, имаат неколку Македонци како агенти, кои веднаш по поставена дијагноза и им ѕвонат на луѓето им им велат „Ајде да правиме кампања“ – вели Лазаров.
Од друга страна, Љупчо Петковски, основачот на „Икрауд“, тврди дека неговата фондација потпишува конкретен договор и дека со договорот, луѓето мора да кажат каде се потрошени средствата.
– „Икрауд“ ги обврзува да дадат информации колку пари собрале, со цел да им се дадат само онолку пари колку што им недостасуваат – вели тој.
Лазаров вели дека во договорот што се потпишува е наведено дека примателите не ги поседуваат парите, туку кампањата ги поседува.
Фондациите во Македонија собираат 2–3 милиони евра годишно од донации, но од донациите не земаат никакви провизии, туку живеат од грантови, од корпоративни донации и спонзорства, од индивидуални донации, како и од економски дејности поврзани со мисијата, тврди доктор Лазаров.
Некако дознаваат кој е болен и веднаш му нудат кампања
Според соговорници од секторот, понекогаш не е јасно како и колку бргу одредени платформи доаѓаат до чувствителни медицински информации, практично веднаш по поставувањето нечија дијагноза. Лазаров тврди дека тоа важи и за организацијата „Павел Андреев“.
Цените се „напумпани“, реалните се пониски, а вишокот од парите можеби се дели меѓу посредници. Болниците прифаќаат и терминални пациенти, за кои знаат дека не може да им се помогне, а потоа бараат повторни испитувања во нивните установи, не признаваат анализи од земјава и така го зголемуваат профитот од непотребни трошоци. Нема јасни ценовници, за иста дијагноза се нудат различни суми.
— Лекар дава дијагноза и магично „Павел Андреев“ дознава, па веднаш нуди кампања. Некој им кажува информации — вели Лазаров.
Тој укажува и на случаи во кои кампањите остануваат отворени и по смртта на примателот, со што, како што тврди, сè уште се собираат средства за случајот.
Според Лазаров, друг проблем се договорите со болници во Турција.
— Цените се „напумпани“, реалните се пониски, а вишокот од парите можеби се дели меѓу посредници — обвинува тој.
Лазаров додава дека болниците во Турција прифаќаат и терминални пациенти, за кои знаат дека не може да им се помогне, а потоа бараат повторни испитувања во нивните установи, не признаваат анализи од земјава и така ги зголемуваат трошоците.
Кој контролира дали сѐ оди по пропис?
Одговорите на институциите се распрснати и контрадикторни. Од Министерството за финансии нè упатија кон Министерството за правда за надлежноста. Од Министерството за правда, пак, писмено одговорија дека немаат законска надлежност да вршат контрола врз регистрираните фондации и врз нивното постапување со собраните хуманитарни средства – тоа, велат, е статутарно уредено кај самите фондации.
Од Министерството за правда дополнуваат и дека по Законот за донации и спонзорства во јавните дејности министерството издава решенија за јавен интерес, а контролата на дадените донации ја вршат УЈП и други инспекциски органи.
Плусинфо не доби навремен одговор од УЈП на прашањата: дали и како врши надзор врз фондации/здруженија за финансиското постапување со јавни хуманитарни средства; што се случува ако примателот почине, а средствата не се искористени; дали постои механизам за проверка на пренамената; дали организациите имаат обврска да пријавуваат токму вакви случаи; кој е надлежен да интервенира ако се утврди приватна употреба спротивна на намената; и дали УЈП може да преземе даночна контрола или прекршочна постапка при основан сомнеж за злоупотреба.
Фондациите, од своја страна, велат дека имаат внатрешни контроли и надзорни тела. Но, без централизирана државна проверка специјално за пренасочувањето по смрт на примателот, на пример, останува „сива зона“ во која праксата зависи од внатрешни правилници и онлајн-услови.
Што вели Законот и каде се дупките?
Законот за здруженија и фондации поставува рамка за работа, отчетност и надзор, но не пропишува експлицитно што треба да се случи со средства, собрани за поединечна кампања ако примателот почине. Практично, тоа се препушта на статутите, договорите и на општите услови на организациите, како и на внатрешните процедури.
Парите мора да се користат исклучиво за целите утврдени со статут и програма. Внатрешно, организациите можат да формираат орган за надзор, а членовите имаат право на увид и да бараат отстранување неправилности.
Министерството за правда најавува измени на Законот, потврдија од Министерството за Плусинфо. Ако во нив се пропише јасна постапка за средствата по смрт на примател, задолжителни известувања и/или надворешна ревизија за вакви случаи, тоа би го затворило сегашниот нормативен вакуум и би ја зацврстило довербата. Дотогаш, клучни се транспарентните статути, јасните договори и доследната примена на законот за фондации.