ЕВРОПСКИОТ ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА МЕДИУМИТЕ СТАПИ НА СИЛА Се заштитува уредувачката независност и новинарските извори
Меѓу клучните одредби, законот предвидува заштита на уредувачката независност и новинарските извори, како и експлицитна забрана за користење шпионски софтвер против новинари.
Медиумската слобода е темел на демократијата и затоа мора да биде заштитена во сите земји членки. Значајниот европски акт за слобода на медиумите на ЕУ (EMFA) стапи на сила денеска, а целта е да обезбеди подобра заштита за новинарите и да ја направи сопственоста на медиумите потранспарентна, пренесува „Еуроњуз“.
Европскиот акт за слобода на медиумите воведува нов сет правила за заштита на медиумскиот плурализам и независноста во ЕУ. Со нив ќе се обезбеди јавните и комерцијалните медиуми полесно да работат преку границите во внатрешниот пазар на Унијата, земајќи ја предвид дигиталната трансформација на медиумскиот простор.
Меѓу клучните одредби, законот предвидува заштита на уредувачката независност и на новинарските извори, како и изрична забрана за користење шпионски софтвер против новинари.
Законот гарантира независно функционирање на јавните сервиси, а ја зголемува и транспарентност во сопствеништвото на комерцијалните медиуми. Регулативата ги опфаќа и големите онлајн платформи (VLOPS) како Фејсбук, Икс и ТикТок и други со механизми на заштита од неоправдано бришење на содржини од нивна страна.
Важно е и тоа што обезбедува транспарентност во државното рекламирање, а ја зголемува транспарентноста во мерењето на публиката за медиумите и огласувачите.
Законот беше изготвен од Европската комисија и со големо мнозинство поддржан од Европскиот парламент на пленарно гласање во 2024 година.
– Со стапувањето во примена на европскиот акт за слобода на медиумите, медиумите и новинарите низ ЕУ добиваат досега невидени гаранции, а граѓаните можат да веруваат дека вестите што ги добиваат се водени од факти, а не од бизнис или политичка агенда – изјави европскиот комесар за демократија, правда и владеење на правото, Мајкл Мекграт.