ЕВАНГЕЛИСТИТЕ СЕ ВОДАТ КАКО АДМИНИСТРАТОРИ, КАТОЛИЦИТЕ НИКАКО Овие луѓе само Господ ги чува!

Иако секојдневно се грижат за духовниот живот на заедницата, голем дел од верските службеници во Македонија живеат без јасен правен статус и без социјална сигурност. Законот не ја признава нивната професија, па многумина се принудени да работат под друго звање или воопшто да не бидат пријавени.

1,781

Во тивките ходници на храмовите, зад свечените обреди и пасторалните проповеди, се крие една сосема поинаква слика – таа на верските службеници кои, иако секојдневно се грижат за духовниот и за моралниот живот на заедницата, самите живеат без јасен правен статус и социјална заштита.

Во Македонија, титулата „свештеник“ или „пастор“ едноставно не постои во службените регистри. Затоа пасторите се заведуваат како „администратори“, православните свештеници како „трговци-поединци“, а католичките свештеници најчесто воопшто не се пријавени.






Ова не е само бирократски пропуст. Тоа е правен вакуум што со години остава стотици луѓе – чија работа е да даваат поддршка и утеха – сами да се снаоѓаат за да обезбедат пензиско и здравствено осигурување.

Некои се спасуваат со тоа што молат некој да ги пријави во друга држава, други зависат од добрата волја на верската заедница, трети работат и по две-три дополнителни работи за да преживеат…

Пасторите како администратори

Филип Иванов: Јас сум уредно пријавен како администратор, а мојата Евангелска црква редовно плаќа за мене придонеси, пензинско и здравствено осигурување

Филип Иванов, пастор во Евангелската црква во Велес, во разговор за Плусинфо објасни дека сите вработени во оваа црква се уредно пријавени, им тече стаж и имаат пензиско и здравствено осигурување.

Единствениот проблем е тоа што пасторите мора да бидат заведени под друго име – администратори.

– Тоа е сива зона во законот кој не дозволува да бидеме впишани како пастори, туку како администратори. Сличен проблем имаат и православните свештеници кои се водат како трговци-поединци. Едноставно, не постои графата – свештеник. Но, од друга страна, не е нешто премногу страшно. Јас сум уредно пријавен како администратор, а мојата Евангелска црква редовно плаќа за мене придонеси, пензинско и здравствено осигурување – објаснува Иванов.

На прашањето на кој начин црквата ги заработува парите за да може да ги подмири сите давачки, тој вели дека Евангелската црква живее исклучиво од донации од верници.

– Ние не заработуваме од обреди. Кај нас сѐ е бесплатно. И погреб, и венчавка, и крштевка. Ништо не се плаќа. Практично, мене не ми игра улога дали овој месец ќе извршам 100 обреди или ниеден обред, бидејќи платата што ќе ја добијам на крајот ќе биде иста. А реално да ви кажам, без да бидам погрешно разбран, тешко се живее во Македонија со пасторска плата. Затоа, скоро сите пастори имаме и втора дополнителна работа. Мора да се снаоѓаме – вели Иванов.

Католиците се оставени сами на себе

Винко Маслаќ, катедрален парох во католичката катедрална парохија Пресвето Срце Исусово во Скопје, вели дека ниту еден вработен во Католичката црква во Македонија не е пријавен и не му тече стаж.

Винко Маслаќ: Како да се лекуваме ако немаме здравствено осигурување?

– Јас сум овде 3 години и можам да кажам дека за тоа време ништо не е сменето. Ниту еден вработен во Католичката црква не се води како вработен и за него не се плаќаат придонеси. Затоа, секој се снаоѓа како знае и умее. На пример, јас и уште двајца викари, сме пријавени како вработени во хрватската Католичка црква во Загреб. Но, тоа е така затоа што ние сме хрватски државјани. Но, што е со вработените кои се Македонци? Сестринството, на пример, исто така не е пријавено. Пријавени се само оние монахињи кои работат во болниците. Голем проблем е ова – објаснува Маслаќ.

Тој вели дека наскоро ќе иницира конечно да се реши овој проблем.

– Секако дека ќе се заложам и ќе барам да се реши ова прашање. Сите ние сме живи луѓе, имаме свои потреби, се разболуваме… но, како да се лекуваме ако немаме здравствено осигурување? Пак ќе кажам, јас така ја затекнав состојбата, но искрено се надевам дека ќе успеам нешто да променам. Пред неколку години бев на служба во Белград, а тамошната белградска бискупија веќе го беше решила ваквиот проблем. Сите вработени во црквата се уредно пријавени. Зарем е тешко тоа да се направи и тука? – прашува Маслаќ.

Формално непрофитни, практично без социјална сигурност

Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група ги третира верските организации како непрофитни. Тоа значи дека тие не се обврзници за данок на добивка, но и дека немаат обврска да пријавуваат верски службеници како такви, бидејќи професионалната категорија „свештеник“ или „пастор“ не постои во законските шифри.

Во пракса, тоа создава три модели:

  1. Пријавување под друго звање – како што прават евангелистичките цркви (администратор) или дел од православните парохии (трговец-поединец).

  2. Воопшто непријавени – како во случајот со Католичката црква во Македонија.

  3. Пријавени во странство – решение достапно само за странски државјани во служба во Македонија.

Како е решено во регионот?

Држава Законски статус на верски службеници Пријавување и придонеси Посебна професионална категорија
Србија Признаени како „верски службеници“ Да – задолжителни придонеси за здравство и пензија, плаќани од верската заедница Да
Хрватска Признаени како „свештеници/верски службеници“ Да – придонесите ги покрива државата врз основа на договор со верските заедници Да
Бугарија Признаени како „служители на верска институција“ Да – дел од придонесите ги плаќа државата, дел верската заедница Да
Македонија Не постои категорија „свештеник“ или „пастор“ Дел пријавени под друго звање, дел непријавени Не

 

Исламската верска заедница ангажира околу 1.400 лица

И покрај сите наши напори, не успеавме да стапиме во контакт со некој од одговорните во Исламската верска заедница (ИВЗ).

ИВЗ е една од институциите со најголем број вработени во земјата во рамките на верскиот сектор.

Околу 200 лица се ангажирани во органите на управување, како и во образовно-едукативните институции (медреса, факултети, вакуфски дирекции и сл.).

Над 1.200 лица се ангажирани во џамиите низ 13-те муфтивства во државата, во улоги како имами, хатиби, муалими и ваизи.

Ова ја прави ИВЗ еден од најголемите верски и општествени работодавци, со широка мрежа на кадар кој работи во служба на духовното и морално издигнување на заедницата.

МОНАСИТЕ ГЛУМАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ЗА ДА ИМ ТЕЧЕ СТАЖ Се молат за здравје за да не молат за донации

 

СЕКОЈ ПОП ВО СВОЈА ФИРМА СЕ КРСТИ Вработени во името на Бога, но не и по земските закони

 

Поврзани содржини