ВОЗ СЕ ЗАБИ ВО АВТОБУС ВО РУСИЈА Едно лице загина, а 11 се повредени во несреќата кај Санкт Петербург
Несреќата се случила во Ленинградската област, истрага во тек за причините поради кои автобусот се нашол на пругата.
Во тешка несреќа што утрово ја потресе северозападна Русија, еден човек го загуби животот, а 11 се повредени кога товарен воз удрил во туристички автобус кој ненадејно се најде на шините.
Трагедијата се случила во раните утрински часови, нешто по 5:00 часот по централноевропско време, во регионот Ленинград, во близина на Санкт Петербург. Според информациите од локалната филијала на Руските железници, автобусот излетал директно на пругата, токму пред да наиде возот со голема брзина.
Возачот на возот се обидел да го спречи сударот и итно започнал кочење, но безуспешно, автобусот бил премногу блиску и ударот бил неизбежен.
Во автобусот имало 12 патници, од кои едно лице починало од здобиените повреди, а останатите 11 се хоспитализирани. Нивната здравствена состојба засега не е официјално соопштена.
Локалните власти и итните служби веднаш реагирале на местото на несреќата, а истрагата за тоа како автобусот завршил на шините е веќе во тек.