ЌЕ СЕ ГРАДИ УНИВЕРЗАЛНА САЛА Љутков најави тендер од 20 милиони евра, старт во септември

Пожарената сала добива шанса за нов живот, тендерот тргнува од 1 август, проектот вреди 20 милиони евра.

738

Универзалната сала конечно ќе добие нов лик – изградбата започнува оваа есен, откако ќе се заврши постапката за јавна набавка која Министерството за култура ќе ја распише до крајот на оваа недела, најави денеска министерот за култура Зоран Љутков.

– Пред две недели доставив информација до Влада за сите постапки во врска со Универзална сала. Завршени се сите заклучоци и процеси што претходно ги водевме. Почнуваме со изградба, јавната набавка ќе биде објавена до крајот на неделата – изјави Љутков.






Проектот, кој беше заглавен речиси три години, сега ќе се реализира со буџет од 20 милиони евра, распределен во три буџетски години. Според министерот, салата треба да биде готова до крајот на 2027 година.

– Очекуваме процесот на јавна набавка да трае околу 60 дена. Од 1 август до крајот на септември ќе бидат отворени понудите, а потоа ќе почне реконструкцијата. Очекувам во текот на септември да продолжиме со градежните работи – изјави Љутков.

Во меѓувреме, направени се и нови статички испитувања на објектот, кои покажале дека е потребно дополнително појачување на конструкцијата, особено по пожарот кој ја зафати салата на 9 април 2024 година.

– Врз основа на тие испитувања, беше извршена измена на проектната документација. Се надминаа и сите административни пречки и се отстранија недостатоците во досегашните постапки – додаде министерот.

Проектот за обнова на Универзална сала започна уште кон крајот на мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов во 2021 година. По неговото заминување и доаѓањето на Данела Арсовска, работите беа стопирани. Реконструкцијата продолжи дури откако Министерството за култура го презеде објектот, додека министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска. Меѓутоа, по само еден месец, салата повторно беше погодена од пожар.

Сега, со новата динамика и завршени подготвителни работи, салата конечно ќе почне да се реконструира.

Поврзани содржини