ЖЕШТИНАТА МОЖЕ ДА УБИЕ Еве што препорачуваат докторите, не ја игнорирајте оваа листа
Министерството за здравство со апел до граѓаните – останете разладени, внесувајте течности и не ги игнорирајте симптомите на топлотен удар.
Поради екстремно топлото време кое го зафати целата држава, Министерството за здравство излезе со сериозни препораки за заштита на граѓаните. Според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), температурите во наредниот период ќе бидат исклучително високи, што го зголемува ризикот од здравствени проблеми, особено кај најранливите категории на население.
Надлежните апелираат граѓаните да престојуваат во затворени и разладени простории, особено во критичниот период од денот – од 11 до 17 часот, кога сонцето е најсилно. Се препорачува внесување доволно течности, пред сè вода, избегнување алкохол и засладени пијалаци кои го дехидрираат телото.
Граѓаните треба да носат лесна, светла и проветлива облека, да користат заштита за глава и очи, а физичките активности треба да се избегнуваат во најжешките часови. Посебно внимание треба да се посвети на децата, старите лица, хронично болните и бремените жени, кои се најосетливи на топлотни бранови.
Дополнително, се препорачува одложување на активности на отворено и обезбедување микроклиматски услови – разладени простории со температура до 25 степени Целзиусови, како во домовите, така и на работните места.
Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, се советува веднаш да се побара медицинска помош.
Министерството за здравство информира дека ситуацијата се следи на дневна основа и дека институцијата ќе постапува соодветно на проценките и новите околности. Апелот е јасен, сериозно да се сфатат овие препораки, бидејќи игнорирањето на жештините може да има сериозни последици.