Ајде да го (о)судиме народот!

Не сакам да кажам дека Македонците низ историјата извршиле којзнае какви дела за восхит. Но не сториле ни злосторства против човештвото, за разлика од некои соседи. И сега, наместо опстанувањето во онакви историски услови сепак да му го признаеме за херојско дело, коекакви „фиќфириќи“ денес, наместо да се поклонат, со сите сили запнале да го негираат и да го прогласуваат за – национализам!

359

Ние веројатно ќе бидеме првата држава во светот која, во некое време, би можела да покрене некаква постапка за одговорност на народот за погрешните одлуки на власта. Секако, ова заличува на некакво кафкијанско пророштво, но ако го читате таканаречениот опозициски одглас за случувањата во државава, тоа станува сѐ поизвесно. А ние впрочем одамна сме забраздени во секаков тип „експертски“ пророштва за распад на државата, уривање на социјалниот контекст, губење на моралниот компас, епидемија од секакви синдроми вклучувајќи го и новооткриениот викан „македонски“, дека Западот „веќе нѐ има отпишано“ и слични будалаштини. И, интересно, само мал дел од онаа т.н. „пајтон интелигенција“ и нивните грст газди се имуни на таа епидемија!

Затоа, впрочем, континуирано како по директива, по којзнае кој пат во јавноста се наметнува приказната дека ние самите сме си единствените виновници за крахот на евроинтегративниот процес, дека не знаеме што сакаме, дека сме мазохисти кои уживаат во самочувството за нашата улога на жртва, дека одиме дури дотаму да се самоубиваме одбивајќи ги „добронамерните“ совети од европскиот политикантски шљам и домашните самобендисани „пајтон интелектуалци“, но и дека сме разулавен народ, проклети реакционери, историска „маргинална епизода“… И дека нашата налудничавост и ретардираност не им дозволува на локалните политикантски ведети кои се гледаат себеси небаре холивудски ѕвезди, да нѐ одведат во „царството“ на неприкосновениот западен ум. Онаму каде што дури и Бугарија и Албанија имале подобри политики од нас (sic!).






И за сето тоа во крајна линија е виновен народот кој во огромно мнозинство гласал за оваа „националистичка“ власт, што по аналогија го прави и тој народ – националистички! Дури еднаков и на оној во времето на Хитлерова Германија, хипнотизиран од неразумниот емоционален патриотизам – а всушност тежок национализам – на оваа власт која создава непријатели на сите страни. Ако пак тоа ни се види сепак како далечна и нереална перспектива, тука секогаш е „нац-патриотизмот на Милошевиќ“ и ние во тој филм како луѓе кои избираат „слеп и трнлив пат“ за да си го одбранат правото на личен и колективен идентитет, на јазик и култура…, па дури и на личен став за суштински нешта. Наспроти сите други ние го немаме тоа право зашто пред себе имаме стратешка цел, без оглед што таа ни виси над главите како Дамоклов меч. Ние не смееме дури ни да поставиме прашање зошто и како, не пак да помислиме дека меѓу она „земи или остави“ и второто може да биде опција!

Но затоа, повторно, дури и Бугарија и Албанија биле подобри од нас, независно од нивната вистинска историја.

Дотаму сигна Македонија и „демократската“ и „либералната“ мисла обоена со најцрните бои, со раскажувачите на приказни за Македонците како Ивица и Марица кои биле толку глупави па националистичките птици им ги изеле трошките леб и не знаеле како да се вратат на вистинскиот пат кон еу (малите букви се…). Ама затоа се тука овие одново и одново да ни го покажат, него, вистинскиот пат, и здружени во некаква чудна „правдољубива“ етнокоалиција базирана на „разум“ а не „на емоции“ – како впрочем и претходнине коалициски криминалци – да ги преобратат кривоверниците. Зашто ние, „разулавените“ бедници, не знаеме каде одиме и што правиме. Тие – знаат!

И од тука па до дефинитивниот чекор кон осуда на целиот народ – или барем оние 70% – кој се противи на Договорот со источниот сосед и „Бугарите во Устав“, треба малку. Имаат свој Судски совет, свои обвинители и судии, свои медиуми…, недостасува само она „Во името на народот“. На кој народ? Па зарем е важно? На оној кој не се согласува со нив. И што е тука спорно? Па и да викнат „Да живее 1948“, што има тука лошо? Зашто национализмот е најлош, полош и од соцреализмот, од автократијата, од криминалот и корупцијата. Оние претходнине аздисале, дури играле и фудбал во кабинетите, ја испокрадоа државата… ама барем не беа националисти, нели? А не се ни соседите, оние кои имаат подобри политики од нас и кои ги видовме, „во живо“, на седницата на европскиот парламент (малите букви се…).

Но, да не оставам простор за недоразбирања: не сум присталица на онаа смешна флоскула дека „народот е во право и кога греши“ и не мислам дека кој и да ѐ народ, па и македонскиот, е непогрешлив. Токму Германија во времето на нацизмот, Италија во времето на фашизмот, но и Бугарија во истиот период но и денес… се историски примери на народи кои страотно грешеле. Но дали тоа се однесува баш на сите Германци, Италијани, Бугари…? Се разбира – не.

Но разликата со актуелната ситуација во Македонија денес е во уставното уредување и помпезните искази дека демократијата му припаѓа на народот и произлегува од него. Или уставотворците го заборавија овој демократски завет? Или пак тој е само прокламација, трик за лековерните, а политичката пракса е поинаква? И што тоа говори за нивниот морал, оној на којшто ги повикуваат другите?!

Ако е тоа така, а така е денес и овде односно две третини од македонскиот народ има цврст став за „источниот проблем“, кој тогаш се дрзнува да му го негира тоа право, дури и да го осудува и да го етикетира како националист? И кои се овие ретроградни Бауерови чеда заслепени од некакви ирационални, реакционерни и во суштина ступидни тези за нечие покајание и потклекнување пред туѓите европски фашизоидни тенденции? Или и понатаму, после цели три децении во дваесет и првиот век, опстојува елитистичката теза дека плебсот не може да има свој идентитет, свое мислење и нешто да сака или да нејќе? И уште ли ги негуваме таквите од господа дадени лицемери да ни кажуваат што е добро а што не, што е прогресивно а што регресивно, па дури и да нѐ просветлуваат дека „странците стравуваат за оваа држава“ а ние си свириме националистички тонови среде полјанчето? И затоа ли, впрочем, на овој „националистички“ народ мора да му се отворат очите и да види дека греши? Ако не – партискиот суд е секогаш подготвен да донесе пресуда, да фрли клетва, па и фетва ако треба, да пророкува за пропаста на државата и нашата со неа, ваква каква што е. А народот да го осуди на робија!

Не сакам да кажам дека Македонците низ историјата извршиле којзнае какви дела за восхит. Но не сториле ни злосторства против човештвото, за разлика од некои соседи. И сега, наместо опстанувањето во онакви историски услови сепак да му го признаеме за херојско дело, коекакви „фиќфириќи“ денес, наместо да се поклонат, со сите сили запнале да го негираат и да го прогласуваат за – национализам! Згора тоа свое пелтечење го нарекуваат наука, експертиза, интелекуализам…! Жива беда, соцреалистичка, онаа најлошата, најдолната. Луѓе непораснати, загубени во процесот, но селски итреци и провинциски вртиопашки кои ни се претставуваат како некакви евродемократи кои бараат виновник таму каде што не може да го има!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини