📷 📽️ ГОЛЕМА ОПАСНОСТ ВО СКОПСКО И ВО КУМАНОВО Пожари на неколку локации, ЦУК со вонредна информација
Граѓаните алармираат за повеќе активни пожари, а од ЦУК потврдуваат дека искрење на електрични жици поради силен ветер е причина за избувнувањето на огнот.
Пожари беснеат на повеќе локации во Скопје и Куманово, откако граѓаните почнаа да алармираат на социјалните мрежи. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека причината за пожарите е силниот ветер кој довел до искрење на електричните жици.
– Како последица на ветерот што го зафати регионот, предизвикано е искрење на жиците, што резултираше со пожари на неколку локации – информираат од ЦУК.

Според информациите, во Кумановскиот регион се пријавени пожари во селата Романовце, Агино Село, Табановце, Шупњи Камен, Младо Нагоричане и Стрновац, како и на подрачјето на Општина Старо Нагоричане. Во Скопје, огнот избувнал помеѓу Индустриската зона Бунарџик и рафинеријата Окта.
Надлежните служби се на терен и работат на локализирање и гаснење на пожарите.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов вели дека поради временските услови не може да се користат ер-тракторите и хеликоптерите, а наскоро се очекуваат повеќе детали за пожарите, бидејќи тој се упатува до населеното место Мршевци.