НЕМАЛЕ НИТУ ЛУЃЕ, НИТУ АРГУМЕНТИ Стојаноска вели дека СДСМ не гласале, а немале ни амандмани за буџетот

Пратеничката Дафина Стојаноска ја обвини опозицијата за неспособност и кукавичлук во комисијата за ребалансот на буџетот.

367

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, во изјава за медиумите остро ја критикуваше работата на СДСМ и ДУИ во Комисијата за финансирање и буџет во Собранието, по повод завршената расправа за ребалансот на буџетот за 2025 година.

– Што се случи при овој ребаланс? Се случи не кредибилни ликови од народот да нудат кредибилни проекти за луѓето – изјави Стојаноска, обвинувајќи ги поранешните власти дека сега нудат решенија за проблеми кои самите ги оставиле.






Според неа, поради кукавичлук и неспособност, општата расправа за буџетот траела само три дена, а од предвидените десет плус два дена за амандманска расправа, СДСМ искористиле само четири.

– Се префрлија на планот Б – повлекување од сите амандмани. Повлекувањето беше затоа што немаат аргументи, немаат капацитет, немаа луѓе, немаа гласност за дебата пред граѓаните – рече таа.

Стојаноска објасни дека СДСМ денес обвиниле за неприфаќање на нивните амандмани, но истакна дека тие не ни биле присутни во полн состав за да ги изгласаат.

– Со само три гласа „за“, не им пројдоа амандманите – посочи пратеничката, додавајќи дека сепак се прифатени амандмани во вкупна вредност од 61 милион денари.

Меѓу нив, еден амандман на Оливер Спасовски во износ од 6 милиони денари се однесува на инфраструктурен проект во неговата општина. Дополнително, 50 милиони денари се одобрени за здруженијата на лица со попреченост, а пет милиони за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Амандманот за пожарникарите, пак, не бил изгласан.

– Никој не гласаше „против“, но за жал немаше ни некој да гласа „за“ – рече Стојаноска.

Таа потсети дека Владата веќе подготвува план за вработување на 400 пожарникари, а системот за заштита од пожари е, како што рече, „во полна кондиција“.

– Факт е дека и најмалиот и најголемиот пожар, и по зафатнина и по моќност, не траел повеќе од 12 часа. Оваа Влада е спремна да се справи со сите пожари – заклучи Стојаноска.

Поврзани содржини