ДЕВОЈЧЕТО Е СМЕСТЕНО ВО ЗГРИЖУВАЧКО СЕМЕЈСТВО Таткото што со јаже ја врза ќерка си не смее да го напушта домот
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струмица денеска поведе истражна постапка против таткото што со јаже ја врза ќерка си за рацете и вратот и ја снимаше со телефон, за кривично дело – запуштање и малтретирање на дете.
Од Обвинителството велат дека девојчето е сместено во згрижувачко семејство преку Центарот за социјални работи.
За таткото, пак, ќе бидат предложени мерки на претпазливост, како забрана за напуштање на живеалиште, престојувалиште, одземање на патна исправа повремено јавување кај службено лице и забрана за приближување до девојчето.
Татко од струмичко Ново Село „под казна“ ја врзал 11-годишната ќерка бидејќи украла пари, а потоа ја снимал со мобилниот телефон. Насилството се случилило во вторникот во дворот на неговата куќа. Девојчето живеело со татка си, кој и бил старател со разводот со нејзината мајка.
Вознемирувачкото видео од врзаното девојче стана вирално на социјалните мрежи. На него се гледа како девојчето е врзано за вратот и рацете и плачејчи го моли татко и да ја одврзе. Тој, пак, со мобилниот телефон ја снима и ја прашува што направила со парите што ги украла. Девојчето низ плач едвај изговара дека ги земала за да јаде.
МВР соопшти дека е поднесена кривична пријава против З.Ч. (57) од струмичкото село Ново Село, поради постоење на сомневање за сторено кривично дело – насилство врз дете.