ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ НА ГРАДИНАРСКИТЕ ПРОИЗВОДИ СЕ УПРИСТОИЈА Конечно и земјоделците да видат малку аир
Минатата година, просечната набавна вредност на доматот беше помалку од 25 денари, додека сега изнесува 45 денари. Само од струмичкиот предел се испорачани повеќе од 13 000 тони, од кои се заработени околу 10 милиони евра. Цената на пролетната зелка не се намали под 35 денари и во просек изнесува 43 денари, а од извоз се остварени повеќе од 30 милиони евра.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, тврди дека и набавната цена на црвената пиперка „ајварка“ ќе биде исплатлива за земјоделците. Во тек е, како што вели, и жетвата на јачменот и пченицата, има пораст на површините за разлика од лани, а се очекува и поголем род.
Според Трипуновски, постои голема разлика во бројките ако се прави компарација на состојбата сега и лани и тоа произведувачите го чувствуваат.
– Градинарскиот сектор ја чувствува разликата. Сериозна е разликата од она каде бевме, а каде сме денес. Во делот на останатите култури, имаме позитивна нула, а во одредени сегментни и прогрес. Бележиме успех во пласманот на тутунот, лани произведувачите добија по 500 денари за килограм заедно со субвенцијата, од 24-те милиони килограми од реколтата влегоа 195 милиони евра. За винското грозје лозарите прв пат добија највисока откупна цена, немаше никакви проблеми со откупот, парите легнаа на нивните сметки. Цената на јаболката не падна под 25 евроценти за килограм, се откупија 90 000 тони и реализиравме 20 милиони евра прилив. Државниот завод за статистика потврди дека бројките се во прогресија. Ако се споредат првите квартали во 2024-та и 2025 година, имаме пет отсто зголемен извоз на земјоделски производи, а откупот и пласманот бележат сериозен раст од 9 до 60 отсто, зависно од културата – рече министерот, додавајќи дека бројките се охрабрувачки.
Во поглед на земјоделското земјиште, тој спомена дека се склучени повеќе од 2 000 договори, дека се распределени приближно 6 000 хектари, како и дека се раскинати повеќе од 170 договори заради неадекватно користење на земјиштето. „Контролите продолжуваат, интенцијата на Владата е целосно да се распредели земјиштето за што поголемо производство“, подвлече министерот.
И во сегментот на наводнувањето, напомена, има значителна разлика од тоа како било претходно, а како е денес. „Наследивме руинирани системи за наводнување, една шајка не беше закована, а чистењето канали беше далечно. Наследивме колабиларно АД „Водостопанство“. Во зимските месеци се подготвуваа системите за наводнување за подготвени да ја дочекаме сезоната. Акумулациите беа празни, сега имаат доволно вода. Многу се големи проблемите за брзо и веднаш да се решат, но има битна разлика од она што го наследивме со тоа каква е состојбата денес“, истакна Трипуновски.
Реализацијата на субвенциите ја објави директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Илија Стоилев. Тој информираше дека 2024 година завршила со рекордна исплата на преку осум милијарди денари субвенции, а до денес, како што рече, се исплатени 9 милијарди 710 милиони денари.
– Затекнавме една ситуација во која преку една милијарда денари субвенции беа заостанати и требаше да се исплатат. Владата го препозна тој проблем и испрати силна порака кон земјоделците со алоцирање средства за оваа намена. Покажа и испрати силна порака дека нема да ги заборави, туку дека ќе им биде најголем поддржувач. Тоа по една година се потврди. Во 2024 година беа исплатени рекордни 8 милијарди и 400 милиони денари субвенции што е 85 отсто реализација на програмата за земјоделство. До ден денешен се исплатени 9 милијарди 710 милиони денари што е извонреден процент и со оглед на оваа календарска година може да се пофалиме дека околу 85 отсто имаме реализација на Програмата за земјоделство и развој за 2024 година – посочи Стоилев.
Со преземањето на функцијата, напомена тој, наследил неисплатени средства за продадено и произведено млеко од 16 месеци задоцнување.
– Исплативме огромни средства за увезен педигриран добиток во вредност од 165 милиони денари со што значително ќе се подобри генетскиот потенцијал во Македонија и ќе се зголеми производството на млеко. Кога ја преземав функцијата директор наследивме неисплатени средства по основ на предадено и произведено млеко во млекарниците од 16 месеци задоцнување и си дадовме задача да во еден краток период таа неправда која е направена спрема сточарите ја исправиме и во краток период исплативме 17 милиони евра по основ на предадено производено млеко – рече Стоилев.