Нема попуштање под уцените на Софија и на Брисел!

Време е без посебна возбуда да се соочиме со блокадата на нашиот евроинтеграциски процес и да сфатиме дека бугарската политика на негирање на македонскиот идентитет ќе продолжи. Земјите членки на ЕУ засега немаат ни сила, а ни волја да сторат било што во врска со тоа. Нам ни останува да бидеме принципиелни, упорни и посветени на реформите. Што е наше, ќе си дојде...

2,036

Толку колку што беа нереални очекувањата Македонија да оствари голема дипломатска победа со Европскиот извештај за Македонија, толку се нереални и коментарите дека неспомнувањето на македонскиот јазик и идентитет и оценките за влијанието на „српскиот свет“ значат нешто посебно за напредокот на нашата земја кон ЕУ.

Таа реторика не значи буквално ништо. Како што немаше да значи ништо ако во извештајот беа спомнати атрибутите на македонскиот идентитет – од македонскиот јазик до полнетите пиперки на Марта Кос.






Процесот воопшто не зависи од Европскиот парламент и од европските извештаи. Сме имале и добри и лоши извештаи во минатото, па пак сме заглавени. Процесот сега е блокиран поради притисокот на една земја членка на ЕУ (Бугарија), што Унијата го прифаќа поради начинот на одлучување со вето.

Процесот нема да биде деблокиран ако Македонија го смени својот Устав за да ги внесе во Бугарите. Напротив. Софија веднаш ќе испостави на преговарачката маса нови барања, кои произлегуваат од нејзиното разбирање на нашата историја, која претходната влада на Заев и на Ковачевски ја прогласија за „заедничка“, што ќе рече – бугарска.

Од каде знаеме дека ќе биде така? Па од софијанците. Тие не ги кријат своите намери. Има десетици политички резолуции и официјални изјави на таа тема.

Едноставно, Бугарија нема да се откаже од политиката што ја води 80 години после Втората светска војна и уште најмалку толку години пред тоа. Дотолку повеќе што архитектурата на ЕУ и начинот на одлучување ѝ овозможуваат на Софија да ја наметнува политиката на вето.

Време е да се соочиме со тој факт без посебна возбуда и да сфатиме дека бугарската политика на негирање на македонскиот идентитет ќе продолжи. Земјите членки на ЕУ засега немаат ни сила, а ни волја да сторат било што во врска со тоа. На бриселските бирократи им е полесно да вршат притисок врз страната што ја сметаат за послаба и уценета – во минатото и сè до сега, тоа беше Македонија.

Што да се прави во ваква ситуација?

Ништо посебно. Нашата позиција е принципиелна и согласна со европските вредности. Затоа не смееме да подлегнуваме на уцените и на притисоците и да попуштаме.

Македонија треба да продолжи да се реформира и да се „европеизира“ внатрешно, без притисок од било чија страна. И да ги остварува своите стратешки цели без страв од пропагандната реторика за наводното ширење на некакво „руско влијание“, преку некој „српски свет“, со некакво „унгарско спонзорство“, со „кинески пари“…

На ваквите глупости не треба да се обрнува внимание.

Нашата дипломатија треба да упати јасен одговор до Софија, до Брисел и до сите европски метрополи – Македонија не се импресионира од смешна пропаганда и не прифаќа никаква дебата за својата историја, за својот јазик, за својот идентитет, особено не на ниво на политички преговори за било каква цел. Таквите преговори под уцени не се европска вредност и не се добрососедство во духот на Копенхашките критериуми.

И за тоа прашање – толку. Тука некаде треба да се стави точка.

За сите други прашања, Македонија треба да остане отворена за соработка со сите релевантни структури во ЕУ, за дијалог со сите добронамерници и целосно посветена на евроинтеграцискиот процес.

Поврзани содржини