🎥 МИЦКОСКИ ГИ ПОВИКА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ВО АВСТРИЈА ДА СЕ ВРАТАТ И ДА ИНВЕСТИРААТ ВО МАКЕДОНИЈА Владата создава стабилна и предвидлива бизнис-клима

Убеден сум дека само заедно, со поддршка од дијаспората и со силни меѓународни партнерства, можеме да ја движиме државата напред. Работиме посветено, чекор по чекор, со јасна цел економски развој и подобар живот за сите наши граѓани, вели премиерот Мицкоски.

624

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Виена се сретна со наши сограѓани од македонската дијаспора, со кои, како што објави на Фејсбук, разговараше отворено за предизвиците, но и за можностите што ги имаме како држава.

Мицкоски на средбите повика „да размислат за враќање, за инвестирање и за активно вклучување во развојот на државата“. Им порача дека како Влада, работат посветено да создадат стабилна и предвидлива бизнис-клима, која ќе ги охрабри таквите чекори.

„Посебно ја истакнав важноста од продолжување и продлабочување на пријателските односи со Австрија. Блискоста меѓу нашите земји е јасна, а таа треба да ја претвориме во уште поголема економска соработка и нови инвестиции. Испратив порака до нашите луѓе во дијаспората, тие се нераскинлив дел од Македонија“, објави Мицкоски на Фејсбук.

Овие средби, напиша Мицкоски, се важни затоа што градат заедништво и доверба.

„Убеден сум дека само заедно, со поддршка од дијаспората и со силни меѓународни партнерства, можеме да ја движиме државата напред. Работиме посветено, чекор по чекор, со јасна цел економски развој и подобар живот за сите наши граѓани“, вели премиерот Мицкоски.

Премиерот, заедно со владина делегација престојува во официјална политичка и економска посета на Република Австрија, во рамки на која, како што е најавено, ќе оствари средба со канцеларот Кристијан Штокер.

Вицепремиерот Александар Николоски, кој е дел од делегацијата, порача дека се посветени сме да овозможат позитивни услови за сите оние кои се спремни да се вратат и да инвестираат во Македонија

„Македонија и Австрија имаат блиска соработка токму порадитоа што голем број Македонци живеат тука. Разговаравме за продлабочување на нашите односи, што би придонело во зголемувањето на економијата и инвестициите во Македонија“, објави Николоски на Фејсбук.

Поврзани содржини