Една година СДСМ во опозиција, каде вози Филипче?

Ако се погледне фактот дека и по една година од катастрофалните изборни резултати, рејтингот и понатаму и паѓа, одговорот на прашањата не е тежок – СДСМ уште не може да ја најде рачната сопирачка, за да го сопре својот пад.

435

Една година од новата влада на ВМРО-ДПМНЕ… десетина дена по медиумите се врти темава. И премиерот и министрите растрчани по телевизии, прес – конференции и трибини, објаснуваат што направиле, што ќе направат во иднина. Новинари и експерти анализираат во дебати и соочувања по медиуми. И опозицијата гледам прилично е активна, па и таа на партиска трибина ја „прослави” годишнината од новата влада. Тимот на Филипче реди ли реди критики.

Ама досега никој не направи пресек и анализа на темата „една година опозиција на СДСМ”. А потребно е да се разгледа и тоа прашање, оти на Македонија и е потребна и квалитетна опозиција. Се навикна ли СДСМ да не е на власт? Како се справуваат со вртоглавицата по жестокиот шамар што им го плеснаа македонските граѓани? Извлекоа ли социјалдемократите поуки, се менуваат ли?






Ако се погледне фактот дека и по една година од катастрофалните изборни резултати, рејтингот и понатаму и паѓа, одговорот на прашањата не е тежок – СДСМ уште не може да ја најде рачната сопирачка, за да го сопре својот пад.

Тоа не е добро за партијата, тоа не добро и за Македонија, оти без добар опозициски коректор, секоја власт може да „се претера“ во владеењето.

Голем проблем има за решавање претседателот на СДСМ, Венко Филипче! Тоа не се средува со секојдневно штанцање соопштенија и каде треба и каде не треба, дека власта не ја бива. Не! Треба да направи реформа во делувањето и во повеќето ставови на неговата партија.

Ако го пишував текстот, пред да се кандидира и да биде избран за претседател, на Филипче ќе му порачав: Остај таа работа, не е за тебе! Терај си со професијата, каде што си докажан – не им станувај заложник на разни кланови во СДСМ – ќе заглавиш.

Ама, кога веќе бидна претседател, еве го првиот совет – да биде различен од претходниците и да е вистински отворен за национално заедништво. Тоа не треба само да го кажува, туку и да го прави.

Тука, сакам да изразам задоволство, што, за разлика од сите негови претходници, барем за кратко, покажа дека е подготвен за соработка со власта, кога се работи за клучни идентитетски прашања. Филипче објави дека преку свои канали лобирал кај европските колеги, од извештајот за напредокот на Македонија во ЕУ да се отфрлат контроверзните и понижувачки бугарски амандмани. Добро е тоа, ама не е добро што веднаш потоа индиректно пред странци ја критикуваше власта дека го кочи патот кон ЕУ со разни барања.

Не е добро и што остри стрели се истрелаа кон Владата оти не го слушала гласот на народот. Со таква реторика заедништво не се прави. Не се прави ниту подобар рејтинг оти секој нормален во Македонија ќе се праша: а кој е гласот на народот што го слушаат во СДСМ? Да се смени Уставот ли? Така ли во опозициската партија им се слуша народниот глас? Кога народот кажуваше НЕ за „францускиот предлог” – тие слушаа ДА? Кога народот на референдум кажа НЕ за промена на името – тие го прецртаа и си напишаа ДА! А и пред 15-тина години имаше уште еден референдум – за Законот за локална самоуправа… кога народниот глас повторно беше НЕ, тие само рекоа „некои прашања не заслужуваат одговор” и си продолжија понатаму.

Поради сето ова, Филипче треба да покаже дека зборот национално единство го разбира различно од неговите претходници. Оти на Заев, Ковачевски и сите претходни лидери на СДСМ сфаќањето за национално заедништво беше: тие скришно, далеку од јавноста да носат одлуки, а сите ние другите во Македонија заеднички да им ракоплескаме. А кој не се согласуваше со ова – го прогласуваа за кочничар или заостанат! Ете таа матрица мора Филипче да ја напушти.

Вториот совет е тесно поврзан со првиот: Тој треба да бара и да иницира средби претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ако ништо повеќе, барем еднаш во два-три месеца, и тоа во потесен круг, за да се дефинираат клучни точки, да се постават црвените линии и да го бетонираат заедничкиот став за најважните прашања за Македонија. И договореното да го бранат заедно… и дома и надвор. Да се разбереме, средбите не треба да се бараат преку прес-конференции, повици од трибини, па тоа да бидат некакви лидерски куртоазни состаноци, па со куп советници, помошници, суфлери.. па пред камери: „ова ми рече, тоа му реков…“ И особено НЕ, овие средби да се искористат само за барање само на предвремени избори или за барање СПАС за некои бивши функционер.

Верувам дека Филипче го има бројот од Мицкоски и може директно да му се јави и да воспостави нормална комуникација, која е толку потребна во овој момент на државата. Оти се сеќавам на една изјава од Љубчо Георгиевски од 2013 година кога со Бранко Црвенковски потпишаа договор за заеднички настап: „Седнавме денес со Бранко на иста маса, ама многу згрешивме и двајцата што во периодот од 1992 до 2002 година воопшто не седнувавме заедно – сега Македонија ќе беше подобра држава”.

Да, Филипче нека си критикува силно и понатаму за разни лоши законски решенија, за некоја лоша работа на власта, за корупција, за непотизам, за неисполнување на ветеното… ама околу најважните, околу црвените линии ако покаже заедништво, тоа ќе биде добро за Македонија, а тоа ќе биде и рачната сопирачка за СДСМ да не шиба и понатаму во рејтинг – провалијата.

Дали ова може Филипче да го спроведе? Сигурно дека може, но прашањето е дали тој навистина сака да има национално заедништво по најважните прашања или мисли дека повеќе корист ќе има ако угодува на странци, како и неговите закоравени сопартијци, кои мислат дека до клечење најбрзо се трча кон светла иднина.

Во тој правец е и третиот совет е – странците не може да ги смени, но може поупорно и поконкретно да им објаснува и да бара поголема почит кон Македонија и нејзините интереси. А од друга страна може да смени – прочисти во партијата. Оти во неговото друштво има луѓе, кои не заслужуваат да стојат зад него, оти и нанеле штета на Македонија, го срозиле националниот идентитет и го оштетиле државниот буџет. Оти тие луѓе не му мислат добро ниту нему, ниту на партијата, ниту на Македонија. Тие се таму за да си го бараат својот спас или можност повторно да заседнат во државните јасли. Еве ги за неколку месеца локалните избори, поразот му е неминовен. Тогаш, тие први ќе му побараат отчет за неуспехот.

Да, да „ТЕШКОТО” треба да го изигра Филипче. А тоа оро се вежба во Македонија, се игра со други играорци кои си ја сакаат земјата и нашата долговековна традиција и идентитет. Играњето на српски турбофолк во Дубаи тука не помага. Напротив!

Поврзани содржини